
Здружението на судската администрација оствари средба со заменик-директорот на Академијата за судии и јавни обвинители, Илир Исени, на која се разговараше за можностите за идна соработка и унапредување на професионалниот развој на судската служба.
Во рамки на средбата беше разгледана иницијативата за склучување меморандум за соработка, со посебен акцент на организирање и спроведување обуки во кои судската служба активно ќе биде вклучена, како во својство на учесници, така и преку ангажирање на раководниот кадар како предавачи, со цел споделување на знаења, искуства и добри практики.
Посебно внимание беше посветено и на можностите за организирање обуки за справување со конфликтни ситуации, унапредување на комуникациските вештини и развивање на професионални компетенции потребни за поефикасно и поквалитетно извршување на работните задачи.
Здружението останува посветено на градење партнерства и воспоставување конкретни форми на соработка кои ќе придонесат за јакнење на капацитетите, професионалноста и положбата на судската служба.