Почитувани,
Денес е денот кога судовите во РСМ ќе останат без поголем број на судии а тие судиски места во блиска иднина нема да бидат пополнети. Здружението на судска администрација како професионално здружение на вработените во судската служба на судовите, реагира на односот на надлежните државни органи кои во минута до дванаесет се обидоа да надминат проблем кој не е ниту нов ниту беше непредвидлив со оглед на тоа што бројот и возраста на судиите им беа познати факти и нема простор за „изненаденост“ од новонастанатата состојба. А таа не е ниту малку пријатна. Голем број на судски предмети ќе мора да почнат одново со опасност да настапи нивна застареноста, временски бавните судски постапки уште повеќе ќе се одолговлекуваат со оглед на намалениот број на судии во многу судови. Како врв на сето тоа ќе има суд или судови кои ќе останат и без судии доколку во нив не бидат времено упатени судии од други судови.
Уште при јавната расправа по Предлог-Законот за Академија за судии и јавни обвинители која се одржа на 04.10.2019 година,во Собранието на Република Северна Македонија во организација на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Здружението на судска администрација истакна сериозна забелешка што со предлог законот воопшто не е направен обид да се искористи потенцијалот на стручните судски службеници со повеќегодишно професионално искуство во судовите..Кога веќе се овозможува пристап до почетна обука на лица со двегодишно работно искуство на правни работи по полагање на правосудниот испит, неразбирливо е од кои причини е изоставен и не е олеснет пристапот до почетна обука на судскиот кадар кој професионално ги извршува своите работни задачи како судски соработник или советник повеќе години низ сите судски оддели во судовите..
Во секоја прилика пред надлежните државни органи во и надвор од правосудството, апелиравме дека овој дел од судската служба можеше и може беспрекорно и со скратенана обука да ги извршува сите судски задачи и да го даде својот придонес за поефикасно судство во РС Македонија. За жал сите надлежни државни органи ги игнорираа ваквите укажувања заради што сега во некои судови ќе ја имаме Јустиција но без меч во раката.
Здружение на судска администрација
Претседател
Сашо Темелкоски