Записник од состанокот на Управниот и Надзорниот одбор на ЗСА

Од состанокот на Управниот и Надзорниот одбор на Здружението на судска администрација на Република Македонија-

Одржан на ден 22.02.2018 година во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители во Скопје, со почеток во 10:00 часот.

На состанокот беа присутни: 1. Борче Мирчески, 2. Лепа Донева, 3. Сузана Варналиева, 4. Илија Николовски, 5. Сузана К.Коцева, 6. Марта Спасовска, 7. Аница Петкоска, 8. Дарко Лазаровски, 9. Мери Ивановска, 10. Стевица Саркоски. 11. Оливера Манели Бандевска 12. Ристо Настоски.

Состанокот го отвори и со него раководеше Претседателот на здружението, Борче Мирчески, кој за овој состанок го предложи следниот

Д н е в е н     Р е д:

  1. Разгледување и усвојување на Работен извештај за 2017 година
  2. Разгледување и усвојување на Финансискиот  извештај за 2017 година
  3. Утврдување и дефинирање на следни активности на ЗСА
  4. Тековни прашања

Со оглед дека немаше предлози за дополнување и измена на дневниот ред, така предложениот дневен ред беше ставен на гласање и едногласно усвоен.

Прва точка: Работен извештај

Иако работниот извештај беше поделен со материјалите за седницата, сепак Претседателот на здружението и усно ги запозна присутните за остварените активности во изминатиот период и укажа на фактот дека во овој извештај се прикажани извршените активности на ЗСА во 2017 година. Истите се таксативно наброени на начин на кој биле реализирани.

Вака презентираниот работен извештај беше даден на дискусија, а потоа и на усвојување.

Дискусијата се одвиваше во насока дека во изминатиот период се извршени помал број на активности во споредба со предходните години и дека тоа се должи на променетата политичка ситуација и очекувањето да се отпочне со измени на законот за судска служба. Дел од присутните предложија да се дополни извештајот во делот на меѓународната конференција и во делот на одржаните работилници. Претседателот истакна дека во однос на дополнувањето за меѓународната конференција на Web страната на ЗСА е прикачен извештајот од одржаната меѓународна конференција, а во делот на барањето за дополнување на работниот извештај во однос на работилниците Претседателот истакна дека на овие работилници присуствувале 37 членови од различни апелациони подрачја и од различни структури.

После ваквото објаснување извештајот беше даден на усвојување, а по изјаснувањето претседателот констатира дека работниот извештај е усвоен едногласно.

Втора точка:Финансиски извештај

Претседателот на здружението ги запозна членовите со средствата на здружението и вкупните приходи и расходи направени во изминатата година. Напомена дека финансискиот извештај , согласно статутот веќе бил даден на разгледување на Надзорниот одбор кој дал препораки до Управниот одбор да се усвои финансискиот извештај бидејќи истиот отсликува рационално, транспарентно и домаќинско работење на здружението кое  во текот на 2017 година имало приходи во износ од 758 998 денари, расходи во износ од  651 402,00 денари. Тековната  2017 година,  здружението ја започнало со 1.964 062 денари, а ја завршило со салдо од  2.071 658,00 денари.

Вака презентираниот финансиски извештај беше даден на дискусија, а потоа и на усвојување. Од дискусијата која се водеше во однос на финанасискиот извештај се констатира дека средствата се трошеле рационално и наменски, извештајот е добро изработен  и истиот дава јасна слика за користењето на средствата.

Претседателот напомена дека веб страната на здружението постојано се ажурира и дека извештаите откако ќе бидат усвоени, ќе бидат објавени на веб страната и секој член на здружението ќе може да биде запознаен со нивната содржина. 

Финансискиот извештај без забелешки беше едногласно усвоен.

 Трета точка :Утврдување и дефинирање на следни активности на ЗСА

Претседателот истакна дека Здружението на судска администрација треба да продолжи со давање на позајмици на своите членови и во тековната година. Ова од причини што интересот за позајмици се зголемува, но барањата на членството се да се направи напор да се зголеми износот кој се дава за позајмица.

Да се продолжи со организирање на финални работилници, на кој ќе се донесе и крајна верзија на текстот за законот на судска служба. Работилниците да се интензивираат непосредно пред утврдувањето на терминот кога законот ќе биде ставен на дневен ред за изменување.

Да се канализираат активностите на ЗСА во насока на наоѓање на решение за враќање на задржаните 40% парични стедства  од плата, заради учество во штрајкот во 2016 година. Заедно со овие активности да се преземаат дејствија и за реализација и на решенијата  за работ на успешност во износ од 10% на основната плата.

     Четврта точка: Тековни прашања

–         Покрај измените за законот за судска служба ЗСА да предложи измени во законот за судови и законот за академија и тоа во насока со овие измени да се овозможи стекнување со својство кандидат за судија без да се поминуваат сите предвидени процедури во АСЈО.

–         ЗСА да превземе конкретни активности за подобро медиумско покривање. Тоа да биде во насока на обезбедување на стручно лице од оваа област

                                                                                                                                                                    Претседател                                                                                                                    

Борче Мирчески

Судови во Република Северна Македонија