З А П И С Н И К -Од состанокот на Управниот одбор на Здружението на судска администрација на Република Македонија

Одржан на ден 09.02.2015 година во Скопје, со почеток во 12:00 часот.

На состанокот беа присутни 9 членови на Управниот одбор на здружението: Борче Мирчески – претседател, Сузана Коцева – ОС Кавадарци, Милчо Ќаев – ОС Гевгелија, Владо Јанев – ОС Струмица, Ристо Спасов – ОС Скопје 1, Сашо Темелкоски – ОС Прилеп, Драган Јаковлевски – ОС Битола, Илија Николовски – АС Битола и Сузана Варналиева – ОС Велес.   

На состанокот свое учество зедоа и судските администратори: Оливера Манели Бандевска – ОС Битола, Насуф Ќамили – ОС Тетово и Ќани Абдули – АС Гостивар.

Состанокот го отвори и со него раководеше Претседателот на здружението, Борче Мирчески, кој за овој состанок го предложи следниот

Д н е в е н     Р е д:

  1. Дускусија по прашањето за решенијата за степен на кариера и предлог-понатамошни активности
  2. Дискусија по прашањето на Законот за судска служба и наредни чекори за негова измена
  3. Тековни прашања

–         Годишно собрание на здружението

–         Финанскиски извештај

–         Работен извештај

–         Друти прашања

Со оглед дека немаше предлози за дополнување и измена на дневниот ред, така предложениот дневен ред беше ставен на гласање и едногласно усвоен.

  1. Прва точка: Дускусија по прашањето за „степен на кариера“ и предлог-понатамошни активности

Првата точка на дискусија на состанокот се однесуваше на решенијата за степен на кариера. Во таа насока, претседателот на здружението ги запозна членовите на УО со досега превземените активности и побара мислење за понатамошните активности. Беше констатирано дека во одделни судови веќе се донесени вакви решенија, додека дел од судовите се уште не го направиле тој чекор. По исцрпната дискусија, членовите зазедоа заеднички ставови кои ги преточија во конкретни  чекори кои ќе треба да ги реализира здружението:

–         праќање циркуларно писмо од страна на здружението до сите судови – преку кое ќе се постигне координирање и тековно информирање на сите судови.

–         доставување претставка до управниот инспекторат – претставката ќе се однесува на непостапувањето по пријавите од голем број судови заради недонесувањето на решенијата за степен на кариера.   

–         доставување претставка до Народниот правобранител – здружението има намера да го информира и Народниот правобранител за неможноста на вработените во судската администрација кои ги исполнуваат условите, да ги остварат своите законски гарантирани права и да добијат решенија за степен на кариера. 

  1. Втора точка: Закон за судска служба

Во поглед на Законот за судска служба, претседателот на кратко го изложи начинот на кој овој Закон беше усвоен (законот беше донесен во скратена и нетранспарентна постапка, без учество во работните групи на претставници од ЗСА. Во истите групи не беа консултирани ниту експерти).  Ваквиот начин на донесување на законот како и понудените законски решенија во истиот предизвикаа реакции на незадоволство меѓу членовите на ЗСА заради што Здружението на судска администрација превзеде ред на активности со цел одложување на примената на Законот за судска служба и негови измени и дополнувања пред самата примена.

Претседателот информираше и уште еднаш ги потсети присутните за сите активности кои биле превземени во текот на изминатата година за реализација на идејата околу измените и дополнувањата на Законот за судска служба. Превземените активности во таа насока се следните:

–         организирање и одржување работилници за изготвување предлог-измени на ЗСС донесен во 2014 година

–         расправање и носење на заклучок на Форум на судска власт дека законот е демотивирачки, во себе содржи дискриминаторски и противуставни одредби и дека истиот треба да претрпи измени пред да отпочне со примена

–         испраќање писмени барања до Министерството за правда за разговори околу ваквите барања на ЗСА кои што се однесуваат на Законот за судска служба

–         организирање тркалезна маса во истиот контекст

–         доставување на заклучоците од трибината до Министерството за правда со барање на отпочнување на постапка за измена на законот

–         доставување на изработениот текст од страна на ЗСА до Министерството за правда

–         поведена е иницијатива за уставноста на законот пред Уставен суд и сл.  

Членовите на УО во текот на изминатата година секојдневно беа информирани и активно земаа учество во активностите организирани од страна на здружението. Со оглед на тоа што лобирањето за измени на ЗСС е од големо значење за ЗСА, членовите на УО предложија превземање повеќекратни симултани чекори кои би биле продолжение на веќе реализираните активности и би овозможиле постигнување на целта. Тие чекори вклучуваат:  

–         медиумско покривање – членовите на УО одлучија дека сите активности кои ЗСА ќе ги реализира во однос на ова прашање, потребно е да добијат што поголема медиумска покриеност, со цел пошироката јавност да има соодветни информации и да се запознае одблиску со состојбите во судството.

–         писмо до американски амбасадор – преку кое од новиот амбасадор би се побарала средба со цел директно да биде запознаен со состојбите во македонското судство, содржината на Законот и потребата од негови измени.

–         ургентно писмо до Министерство за правда и до владата – иако во повеќе наврати се направени обиди да се реализира средба со Министерот за правда, таква средба се уште не е остварена. Од тие причини би се направиле дополнителни обиди да се стапи во конктакт и да се образложат ставовите на ЗСА.

–         ИАЦА – ЗСА како здружение кое редовно зема учество на конференциите организирани од ИАЦА и е негов член, ќе побара поддршка од ова меѓународно здружение во остварувањето на своите цели.

–         анализа на состојбата во весник – ќе биде изготвена анализа на состојбите која ќе се објави во најмалку еден дневен весник, со цел да се сврти вниманието на јавноста за состојбите во судството.

  1. Трета  точка: Тековни прашања

–         Годишно собрание на ЗСА

Овогодинешното собрание на здружението е предвидено да се одржи на територијата на Скопското апелационо подрачје. За таа цел, членовите на управниот одбор Милчо Ќаев од ОС Гевгелија и Сузана Коцева од ОС Кавадарци, превзедоа обврска да ги разледаат хотелските капацитети во Дојран и Кавадарци. По разгледувањето на капацитетите и условите кои ги нудат, ќе достават соодветни понуди од кои би се избрала најповолната. По изборот на најповолната понуда, сите претседатели на подружници ќе бидат известени со цел отпочнување на постапката за предлагање делегати на собранието.

–         Финансиски извештај

Претседателот на здружението ги запозна членовите на управниот одбор со средствата со кои располага здружението и направените расходи во текот на изминатата година. При тоа финансискиот извештај беше поделен и во писмена форма, со цел секој член на управниот одбор да има целосен и детален увид во состојбите на здружението.  

Презентираниот финансиски извештај беше даден на дискусија, а потоа и на усвојување. Во текот на дискусијата членовите на управниот одбор констатираа дека приходите ги надминуваат расходите а средствата се трошеле рационално и наменски, извештајот е добро изработен  и истиот дава јасна слика за користењето на средствата. Покрај тоа дел од учесниците напоменаа дека здружението со своето работење во целост ги исполнува очекувањата на управниот одбор.

Финансискиот извештај без забелешки беше едногласно усвоен.

–         Работен извештај

Членовите на управниот одбор го разгледаа и работниот извештај, по што претседателот на здружението усно ги образложи реализираните активности во изминатиот период а извештаите ги подели и во писмена форма. За време на презентирањето на извештајот претседателот зборуваше за сите превземени чекори и активности заклучно со декември, 2014 година. Претставниците на Управниот одбор во текот на дискусијата напоменаа дека изминатиот период бил доста динамичен и дека здружението во своето работење се соочило со посериозни предизвици за разлика од претходно. Во текот на изминатата година, беше констатирано, дека се исполнети зацртаните цели и успешно се реализирани бројни активности. По завршувањето на дискусијата, работниот извештај беше ставен на усвојување.

Претседателот констатира дека работниот извештај е усвоен без забелешки и едногласно.

–         Ангажирање волонтер:

По однос на ова прашање, претседателот на здружението ги извести членовите на Управниот одбор дека заради завршувањето на договорот кој административниот асистент го имаше со Проектот за јакнење на судството, потребно е пополнување на ова место. Членовите на Управниот одбор се согласија дека заради обезбедување континуитет во работата на здружението потребно е ангажирање на најмалку едно лице за што беше предложено волонтерско ангажирање на досегашниот административен асистент со договор на една година.

–         Ангажирање сметководствено биро:

Заради правилно раководење со средствата на здружението и навремено подмирување на сите обврски, претседателот предложи да биде ангажирано сметководствено биро со едногодишен договор, кое ќе ги превземе обврските за делот на финансиското работење. Управниот одбор заклучи дека за тоа навистина постои реална потреба и го одобри барањето на претседателот. Претседателот нагласи дека веднаш по завршувањето на состанокот ќе пристапи кон имплементација на оваа одлука.

Судови во Република Северна Македонија