З А П И С Н И К – Од состанокот на претседатели на подружници на Здружението на судска администрација на Република Македонија

07. 04. 2015 година

Скопје

Состанокот на претседатели на подружници се одржа на 07. 04. 2015 година, со почеток во 11.30 часот, во Скопје. На состанокот присуствуваа претседатели на подружници или нивни заменици од вкупно 17 подружници: ОС Скопје 1; ОС Скопје 2; ОС Куманово; ОС Крива Паланка; ОС Охрид; ОС Велес; ОС Битола; ОС Кичево; ОС Штип; ОС Кавадарци; ОС Кочани; ОС Берово; АС Битола; ОС Тетово; ОС Радовиш; ОС Дебар; ОС Струмица.

 Состанокот го отвори и водеше Претседателот на здружението, Борче Мирчески, кој го предложи следниот

Д Н Е В Е Н  Р Е Д

  1. 1.      Работата на Здружението на судска администрација од аспект на активности по подружници

– Закон за судска служба

– Решенија за степен на кариера

  1. 2.      Утврдување следни активности на здружението и чекори по подружници
  2. 3.      Тековни прашања:

– Финансиски извештај

– Работен извештај

– Други прашања  

Прва точка: Работата на Здружението на судска администрација од аспект на активности по подружници 

Првата точка за која се дискутираше на состанокот, се однесуваше на активностите реализирани од страна на подружниците. Претседателот на здружението во однос на ова прашање, нагласи дека одредени подружници реализираат бројни активности, редовно ги извршуваат и спроведуваат задачите и напатствијата дадени од страна на канцеларијата на здружението и постои редовна комуникација како меѓу канцеларијата и подружницата, така и внатре во самата подружница, a членството редовно се информира и е во тек со настаните. Од друга страна, постојат подружници кои не прикажуваат активности, не постапуваат во согласност со дадените насоки и не испраќаат претставници на работилниците на кои треба да учествуваат. Особено значаен проблем претставува неинформираноста на членството од страна на претседателот на подружницата во однос на тековните активности.

Претседателот нагласи дека таквите состојби не смеат да бидат толерирани и неопходно е да бидат корегирани со цел успешно функционирање на здружението. Во таа насока, претседателите на подружници кои од било кои причини не се во можност да одговорат на барањата и активно да учествуваат во работењето на здружението, потребно е да дадат оставка од својата функција и да спроведат избор на нов претседател.     

Присутните во однос на овој дел се согласија дека кај одредени подружници постои помал интерес за спроведување активности и помала мотивираност на членството. Дел од нив истакнаа дека за надминување на ваквите состојби одржуваат групни состаноци и со вработени кои се членови и со вработени кои не се членови на здружението, со цел да ги запознаат со работата и да предизвикаат поголем интерес кај нив.

Оние подружници кои прикажуваат поголема активност пак ги споделија позитивните искуства од нивното работење и начинот на кој вклучуваат што повеќе членови во спроведувањето на активностите.

  • Закон за судска служба:

Во поглед на Законот за судска служба, претседателот на здружението, детално ги образложи сите активности превземени со цел измени и дополнувања на Законот за судска служба кој стапи на сила на 13 февруари, 2015 година. Тој  нагласи дека законот бил донесен, во скратена постапка, без можност за било какви интервенции во текстот. Во него имало бројни нелогичности и грешки кои не би смеело да постојат во еден закон. Покрај тоа, законот е концепциски различен од законот за судска служба  кој се применуваше до февруари 2015 година. Иако претходниот закон успеа да реши одредени проблеми со кои се соочуваа судските службеници, овој закон значи враќање назад. Со новиот Закон за судска служба, судските службеници губат голем дел од своите ингеренции. Законот е демотивирачки и со ретроактивна важност на одредени законски одредби, а во себе содржи одредби кои треба да подлежат на оценување на законитоста од страна на Уставниот суд.

Здружението на судска администрација смета дека Законот е неизбежно да подлежи на измени за што во изминатиот период ги превзеде следните чекори:

– Одржа работилници на кои изготви предлог текст за Законот за судска служба.

– Изготвениот предлог текст беше доставен до Министерството за правда и Проектот на УСАИД за јакнење на судството.

– На Форум на судска власт беше донесен заклучок дека Законот за Судска Служба во себе содржи демотивирачки одредби и треба да претрпи измени пред да се отпочне со неговата примена, а при тоа да бидат земени во предвид измените на законот кои ги подготви ЗСА.

– Се организираше тркалезна маса на која беа присутни претставници на Министерството за правда, Врховниот суд на Република Македонија, универзитетски професори – експерти од областа на правото, претставници на Проектот на УСАИД за јакнење на судството, синдикатот на УПОЗ, како и членови на ЗСА.

– На оваа тркалезна маса се донесоа следните заклучоци:

– Да се одложи примената на Законот за судска служба, предвидена за февруари, 2015 година 

            – Законот за судска служба да претрпи измени пред да се отпочне со негова примена, од причини што е усвоен во брза и нетранспарентна постапка без при тоа да бидат консултирани екстерти, претставници на ЗСА односно претставници на вработените во судството на кои овој закон се однесува  

            – Законот за судска служба неизбежно треба да претрпи измени заради концептуалната разлика со претходниот Закон за судска служба и заради тоа што во себе содржи одредби кои се демотивирачки и кои треба да бидат предмет на оценка на Уставниот суд

            – При измените на Законот за судска служба, во предвид треба да бидат земени измените на текстот подготвени од страна на ЗСА, а во работната група да бидат вклучени и претставници од Здружението на судска администрација како и експерти

 Заклучоците од тркалезната маса исто така беа доставени до Министерството за правда. 

– Во  ноември 2014 година, се поднесе и иницијатива пред Уставниот суд на Република Македонија, за оценување на уставноста на одредени законски  одредби од Законот за судска служба. За иницијативата Уставниот суд сеуште нема расправано, но очекуваме тоа да се случи во најскоро време.

– На почетокот на оваа година се отпочна и со се поширока медиумска покриеност на активностите поврзани со барањето на ЗСА за измени во Законот за судска служба. Најпрво беше реализирано интервју на претседателот на здружението за Инбокс 7, на кое тој зборуваше за потребата од измени на Законот за судска служба и неговиот демотивирачки карактер а потоа и на Алсат М телевизија кое предизвика голем интерес во новинарските кругови.

– Во текот на месец март, беше остварена средба со Министерот за правда, г-дин Аднан Јашари. На оваа средба претседателот на ЗСА повторно го потенцираше несогласувањето на ЗСА  со дел од одредбите на законот и побара негова измена. Средбата помина во позитивна атмосфера и беше договорено ЗСА да достави образложен документ, со кој ќе побара од Министерството за правда да изготви информација до Владата на Република Македонија, за измена на Законот за судска служба. 

ЗСА смета дека Законот за судска служба треба да претрпи измени во следниве делови: давање поголеми надлежности на Советот на судска служба, Укинување на законските одредби кои предвидуваат доставување сертификати  за познавање јазици и работа со компјутерски програми за веќе вработените судски службеници, враќање на одредбите за степен на кариера, измени во делот за оценување, во кој ЗСА бара оценувањето да биде вршено врз основа на објективни и мерливи критериуми а одредбите кои предвидуваат задолжително казнување да бидат изменети. ЗСА бара примена на интернот оглас при вработување, како задолжителна фаза пред јавниот оглас.

Присутните на состанокот зазедоа заеднички став дека го поддржуваат барањето за измени на Законот за судска служба. Дел од присутните активно се вклучија во дискусијата и даваа конкретни примери од работата во нивните судови кои го поткрепуваа барањето за измена на Законот за судска служба. Тие нагласија дека е потребно продолжување на чекорите во таа насока и изразија подготвеност за вклучување во активностите.

  • Решенија за степен на кариера:

Иницијативата за издавање на решенија за степен на кариера беше една од активностите спроведени од страна на Здружението за судска администрација. Првенец во овој дел беше ОС Битола. Претседателот образложи дека дел од претседателите на судовите веќе имаат  издадено решенија за степен на кариера а дел сеуште не, дел се доставени до Судскиот буџетски совет а дел не.

Но, за решенијата да бидат издадени во сите судови, неопходен е поголем ангажман на членовите на здружението, другите судски службеници и судските администратори.

Потоа збор зедоа претседателите на подружници. Дел од нив нагласија дека иако е спроведена целата процедура, решенијата се издадени и доставени до Судски буџетски совет, од таму нема одговор или пак добиваат одговор дека нема доволно средства за реализација на решенијата. Други пак истакнаа дека во нивните судови воопшто не се издадени решенија за степен на кариера. Тие побараа реакција со цел и тие да можат да ги остварат своите законски стекнати права.

Еден дел од претседателите на подружници се пожалија на хаотичната состојба која владее во нивните судови каде вработените тешко се мотивираат, се плашат да реагираат и да ги остварат своите права, а постои и влошување на меѓучовечките односи.   

Од дискусијата, произлезе дека во текот на следниот ден, во канцеларијата на здружението ќе бидат изготвени драфт дописи за издавање решенија за степен на кариера односно исплата на додаток за степен на кариера. Тие ќе служат како примерок, како би требало да изгледа дописот до претседателот на судот односно Судскиот буџетски совет. Овие теркови ќе се достават до сите подружници, кои потоа во согласност со нивните потреби ќе ги усогласат и употребат еден од доставените теркови.

По доставувањето на дописите до претседателот на судот односно Судскиот буџетски совет, сите претседатели на подружници ќе ја известат и канцеларијата на здружението, со цел да се постигне координација во активностите.

Со тоа се исцрпи оваа точка и се премина на наредната.

Втора точка: Утврдување следни активности на здружението и чекори по подружници  

Врз основа на дискусијата водена по оваа точка, како следни активности на здружението и подружниците се утврдија:

– сите претседатели на подружници да одржат состаноци во своите подружници на кои ќе ги информираат членовите за состанокот и активностите на здружението

– по одржаните состаноци во подружниците да бидат изготвени записници и примерок од истите да биде доставен до канцеларијата на здружението  

– во оние подружници каде сеуште не се донесени решенија за степен на кариера, да бидат доставени барања до претседателите на судовите за издавање такви решенија

– во оние судови каде веќе се издадени решенијата за степен на кариера да се достави допис до Судскиот буџетски совет во кој ќе се побара реализиција на решенијата за степен на кариера

– да се заземе став на ниво на подружници во поглед на можен бојкот на работата на судовите во случај да не биде изменет Законот за судска служба и да не бидат реализирани решенијата за степен на кариера

– разгледување на можноста и заземање став за поднесување тужби (индивидуални или колективни) во случај да не бидат реализирани решенијата за степен на кариера

– продолжување со медиумското експонирање на проблемите со кои се соочуваат судските службеници 

Трета точка: Тековни прашања:

– Финансиски извештај: Финансискиот извештај за 2014 година беше поделен на претседателите на подружници кои истиот го разгледаа. Претседателот на ЗСА накратко го образложи. Во поглед на финансиското работење на Здружението, претседателите на подружници немаа никакви забелешки.

– Работен извештај: претседателите на подружници го разгледаа работниот извештај. Претседателот на здружението ги образложи сите спроведени активности, со посебен акцент на активностите насочени кои измени на Законот за судска служба и донесувањето решенија за степен на кариера. Во врска со работниот извештај, претседателите на подружници истакнаа дека здружението во текот на изминатиот период спровело бројни активности кои се важни за унапредувањето на положбата на судските службеници а од особено значење се активностите за измена на Законот за судска служба и чекорите за издавање и реализација на решенијата за степен на кариера за судските службеници кои ги исполнуваат условите.

– Совет за владеење на правото: Панче Ќосев, претседател на подружница при ОС Струмица, зеде збор и детално го објасни начинот и потребата за формирање на Советот за владеење на правото – неформална мрежа на организации каде ЗСА е еден од основачите. Тој ги образложи активностите на Советот спроведени во текот на изминатиот период кои се однесуваа на кампањата за запознавање на јавноста со новиот Закон за кривична постапка како и организирањето отворени денови во судството. Во моментов се спроведува едукација на новинарите во врска со новиот ЗКП каде здружението има активна улога преку свои претставници.

Здружението на судска администрација ќе го превземе претседателството со Советот за владеење на правото од 1 јуни, 2015 година. Претседателот на ЗСА ги покани сите кои се заинтересирани активно да се вклучат во работата на Советот за владеење на правото со свои идеи, активности и сл.    

– Позајмици: накратко беше објаснето прашањето за давање позајмици. Претседателот на ЗСА ги извести присутните за начинот на кој ќе се одвива процедурата за повторно активирање на позајмиците. Реактивирањето на оваа можност предизвика особено задоволство кај претседателите на подружници, кои нагласија дека членството ќе има голем бенефит од тоа.

– Годишно собрание: претседателите на подружници беа известени дека овогодинешното годишно собрание ќе биде одржано на Скопското апелационо подрачје. По однос на ова прашање немаше забелешки.

– Породилно отсуство: како прашање се отвори и породилното отсуство во однос на оценувањето и добивањето на решенија за степен на кариера. Имено, во одредени судови, породилното отсуство се смета како прекин на работата и заради тоа некои судски службеници не успеале да се здобијат со решенија за степен на кариера, токму заради неможноста да бидат оценети бидејќи биле на породилно остуство. Претседателот на ЗСА смета дека за ова прашање треба да се даде толкување од причини што нема донесено правилник. Претседателот предложи да се побара толкување, со што присутните се сложија.  

– Избор на судија: Претседателот на ЗСА истакна дека на општа седница на Врховен суд на која се расправало за измени на Законот за судови, било издејствувано и прашањето за избор на судии да биде разлгедувано на истата општа седница на Врховниот суд. За таа намена Здружението на судска администрација изработи предлог текст за законските одредби од Законот за судови кои се однесуваат на изборот на судија. Предложениот законски текст од ЗСА предвидуваше изборот на судии да се врши не само од редот на лицата кои поминале обука во Академијата за судии и јавни обвинители, туку и од редот на стручните судски службеници кои веќе стекнале искуство во работењето во судовите, добро ја познаваат судската работа и ги исполнуваат другите услови за избор на судија.

 Ова прашање беше дискутирано и на средбата со Министерот за правда, кој го поддржа ставот на ЗСА за измени во делот за избор на судии.

Оваа точка исто така предизвика задоволство кај присутните, кои го поддржуваат ставот на здружението за измени во делот на избор на судии.  

Со тоа беше исцрпен дневниот ред.

Состанокот заврши во. 14. 30.

Судови во Република Северна Македонија