Тркалезна маса: Закон за судска служба – новини, примена, отворени прашања

Здружението на судска администрација на Република Македонија во соработка со проектот на УСАИД за јакнење на судството на 05. 11. 2014 година, во хотел Александар Палас – Скопје, организираше тркалезна маса на тема: Закон за судска служба – новини, примена, отворени прашања.

Целта на тркалезната маса беше да се отвори една поширока дебата во која ќе се слушне експертското мислење во врска со Законот за судска служба кој беше усвоен на 04. 03. 2014 година, а ќе почне да се применува од февруари, 2015 година. Овој Закон беше донесен во скратена постапка и без претходни консултации со експертската јавност и претставниците од судството и судската служба, на кои и се однесува. Токму од тие причини, Здружението одлучи да организира еден ваков настан, на кој ќе бидат вклучени сите инволвирани и засегнати страни и на кој ќе можат да го изнесат своето видување во однос на предвидените измени. Како говорници, покрај претставниците на Здружението и Проектот за јакнење на судството, учествуваа проф. Д-р Борче Давитковски – декан на правниот факултет Јустинијан Први, проф. Д-р Тодор Каламатиев и доц. Д-р Лазар Јовевски од катедрата за трудово и социјално право на правниот факултет, претставник на синдикатот на УПОЗ, претставник од Министерството за правда и Врховниот суд на Република Македонија.

Новиот Закон за судска служба има целосно променет концепт и значително се разликува од актуелниот Закон за судска служба. Со него судската администрација се доближува и до одредена мера изедначува со останатата државна администрација. Говорниците ова решение го оценија како погрешно и како неуспешен обид за мешање на извршната и судската власт. Професорот Борче Давитковски нагласи дека изедначувањето на судската администрација со останатата администрација е непоимливо, бидејќи тие опслужуваат сосема различни субјекти и припаѓаат на различни власти (судска и извршна). Имено судската служба како засебна целина, треба да биде регулирана со прописи кои ќе одговараат на специфичниот карактер на работа кој го имаат судските службеници. Овој Закон не е прилагоден и не соодветствува со специфичностите на судската служба.

Иако новиот Закон беше најавен како подобрување на постојниот Закон за судска служба од 2008 година, експертите сметаат дека поголемиот дел од одредбите не само што се штетни, демотивирачки и нелогични, туку во крајна линија се и противуставни.

Законот за судска служба предвидува познавање на странски јазик и задолжителното поседување сертификат од меѓународно призната институција за познавањето на странскиот јазик и сертификат за работа со компјутери, кои покрај тоа што дополниелно ќе го оптеретат и онака кревкиот буџет на вработените во судската администрација, претставуваат и предуслов за задржување на работната позиција. Тоа значи дека се воведуваат нови услови за задржување на веќе стекнато право. Здружението смета дека оваа одредба има ретроактивно важење и дека е противуставна.

Друг новитет е задолжителното казнување на последно рангираните 5% од вработените кои се оценети со оцена 3 или 4, без при тоа да бидат наведени конкретни критериуми врз основа на кои ќе се врши оценувањето, што може да доведе до арбитрарност во оценувањето. Со овој Закон се предвидува и хоризонтална мобилност, односно можност за превземање вработени од државната администрација. Со тоа повторно се врши мешање меѓу државната и судската администрација, што веќе беше наведено како недопустливо. Новина е и можноста за вработување надворешни лица на раководни места кои при тоа не мора да поседуваат соодветно искуство во областа на судството. Со тоа во крајна линија се доведува во прашање функционирањето на судовите кои би биле раководени од лица без основни познавања од работата на судската администрација и посебните процедури. Инструментот степен на кариера не е предвиден со овој Закон. Претседателот на Здружението, г-дин Борче Мирчески запраша: „Со бришењето на одредбата за степен на кариера, и нефункционирањето на институтот интерен оглас, кој иако беше предвиден со Законот од 2008 година, никогаш не заживеа, на кој начин ќе се мотивираат вработените во судската администрација?“

Учесниците на тркалезната маса се согласија дека овој Закон ниту било кој друг не би требало да биде донесен без претходно да е предмет на подлабока анализа и вклученост на сите засегнати страни, експерти и поширока јавност. Во конкретниов случај овој Закон е донесен без било каква анализа, експертиза, без при тоа да бидат консултирани и инволвирани експертите и засегнатите страни. Од тие причини овој Закон не би требало да почне да се применува без претходно да се направат измени на истиот. Тоа од причини што Законот е демотивирачки, неприменлив, во себе содржи одредби со ретроактивна важност и одредби кои се противуставни.

Здружението на судска администрација во изминатиот период со поддршка на Проектот на УСАИД за јакнење на судството, одржа неколку работилници на кои беа изготвени предлог измени на новиот Закон во насока на негово подобрување. Како организација која се стреми кон унапредување на статусот на судските службеници и судството во целина Здружението и понатаму ќе продолжи со превземање конкретни активности во однос на ова прашање. Во таа насока, како следни чекори би биле покренувањето иницијатива за оценување на уставноста на дел од законските одредби и покренувањето иницијатива пред Собранието на Р. Македонија. Здружението и во иднина ќе настојува да даде свој максимален придонес во градењето на независно и ефикасно судство.

Судови во Република Северна Македонија