Стратешки план на ЗСА

Со цел споделување на заедничка визија за своето делување, одредување на целите и средствата за нивно остварување, Здружението на судска администрација на Република Македонија (ЗСА), со поддршка на проектот на УСАИД за имплементација на судските реформи (ЈРИП) спроведе оценка на потребите на Здружението и процес на изготвување на стратешки план и план на активности на ЗСА.

И двете активности имаа за цел поставување на основата на ЗСА и јакнење на капацитетите на Здружението. Организациската проценка вклучи 65 испитаници, претставници на раководните структури на Здружението, претседатели на подружници, членови на ЗСА од различни судови и работни позиции. Оценката резултираше со јасна слика за Здружението, неговите силни страни како и областите каде е потребно подобрување. Самиот процес на стратешко планирање, спроведен во јануари – март 2010 год. низ две работилници и неколку менторски сесии, му помогна на Здружението да ја дефинира долгорочната визија и мисија и да ги одреди напорите потребни за нивно постигнување.

Петнаесет посветени членови на Здружението од различни подружници , вложувајќи значителна енергија, време и знаење ги изготвија нацрт стратешкиот план и планот на активности на Здружението на судска администрација на РМ.

Процесот на изготвување на стратешкиот план и планот на активности на Здружението на судска администрација беше реализиран на две работилници и тоа: Првата работилница се одржа во периодот од 20 до 23.01. 2010 год. во Битола а втората работилница беше одржана во Велес од 20 до 23.02.2010 год. каде што заедно со уште неколку менторски сесии одржани во месец март 2010 год. беше финализиран нацрт стратешкиот план и планот на активности.

Ваквите нацрт документи согласно статусот на Здружението беа дадени на усвојување на Управниот одбор и на ден 12.03.2010 год. на средба во седиштето на Здружението, Врховниот суд на Р. Македонија, во присуство на сите претседатели на подружници и членови на Управниот одбор , двата нацрт документи беа усвоени.
Веднаш после усвојувањето на стратешкиот план се премина кон реализација на активностите предвидени во истиот.

Стратешкиот план на Здружението на судската администрација на РМ, дава одлична рамка за работа. Сепак, планот не е доволен сам по себе. Потребно е визијата да биде комбинирана со активности. Како што вели изреката , не е доволно само да ги видиме контурите на скалилата – ние сме тие кои треба да ги искачиме истите.

Судови во Република Северна Македонија