Состанок на ЗСА и УПОЗ со координатори на пратенички групи

Во текот на вчерашниот ден 15.06.2016 година, делегација од Здружението на судска администрација и од УПОЗ, направија средби со координатори на пратенички групи кои партиципираат во македонскиот парламент со цел изнаоѓање решение за измена на Законот за судска служба и тоа по скратена постапка во делот за додатоците на плата, а во редовна постапка за останатите одредби од Законот за судска служба.

Беше прецизирано дека барањето за измена на Законот за судска служба во делот за додатоците на плата треба да се спроведе во најкраток можен рок, а постапката за измените на Законот за судска служба во другиот дел, преку редовна постапка, да отпочне да се спроведува после годишните одмори.

Средби беа остварени со претставници на пратеничките групи на ДУИ, ДПА и СДСМ. Единствено не беше остварена средба со пратеничката група на ДПМНЕ од за нас не познати причини. Имено, на пораките кои што беа праќани до координаторите на пратеничките групи, единствено не одговори координаторот на ДПМНЕ, иако му беа пратени пораки на неколку наврати, а последната му беше пратена и од просториите на самиот парламент, додека беа во тек средбите со другите политички партии. До моментот на пишување на ова писмо, координаторот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, нема одговорено на пораките за средба пратени до него. Останатите координатори на пратеничките групи се јавија уште на првата порака којашто им беше пратена и со сите беа договорени средби за ден 15.06.2016 година и реализирани.

Од одржаните средби со претставниците на пратеничките групи на ДУИ, ДПА и СДСМ беше конастатирано дека барањата се природни и дека треба да се подржат бараните измени, меѓутоа конкретниот став ќе ни го соопштат после состаноците што ќе ги одржат со своите пратенички групи, и за тоа ќе бидеме известени најдоцна до вторник 21.06.2016 година. Напоменувам дека ставот на сите три средби беше позитивен и охрабрувачки, меѓутоа конечниот став од секоја политичка партија ќе биде соопштен најдоцна до 21.06.2016 година.

После добивањето на официјалните ставови од политичките партии со коишто се вршени преговорите ќе бидете известени за понатамошните чекори на штрајкот, како и за официјалните ставови на политичките партии. Во меѓувреме ќе се прават напори да се остварат средби и со други релевантни фактори од судската и од законодавната власт.

Исто така, Ве известуваме дека во текот на денешниот ден, закажана е средба во Министерство за правда на која што ќе присуствуваат, претставници на Министерство за правда, Врховен суд, Судски Совет и Здружение на судии, на која што средба, на дневен ред ќе биде штрајкот и барањата истакнати со штрајкот.

Посебно сакам да Ве известам дека во текот на вчерашниот ден 15.06.2016 година, претставници на Здружението на судска администрација одржаа средба со претставници на Америчката амбасада, на која средба подетално беше образложена ситуацијата која што го предизвика штрајкот, беа образложени спорните одредби од Законот за судска служба донесен во 2014 година, како и причините и напорите кои што се прават за изменување на Законот за судска служба. Средбата со претставниците од Америчка амбасада, делегацијата од ЗСА ја оцени како многу позитивна и конструктивна.

Со ова известување сакаме да Ве информираме дека се прават континуирани напори за решавање на ситуацијата со штрајкот и дека со такви активности ќе се продолжи во следните денови, за секоја измена ќе бидете навремено информирани, а до тогаш, додека не дојде до некаква измена, штрајкот се одвива по напатствијата кои ви се пратени од страна на ЗСА и УПОЗ. Раководството на ЗСА и УПОЗ е во постојано заседавање за секоја активност, како и за секоја ново настаната ситуација.

Доколку имате Ваши предлози за остварување на нашите барања, како и за нови активности и форми, потребно е во најкраток можен рок да ги доставите на маилот на ЗСА.

На овој маил може да ги поставувате сите Ваши прашања и дилеми кои што се однесуваат на ситуацијата за време на штрајкот.

Судови во Република Северна Македонија