С к о п ј е , 09. 06. 2023 година
Со донесувањето на одлуката на Уставниот суд и зголемувањето на платите на функционерите во Република Северна Македонија , вклучително и зголемувањето на платите на судиите , разликата на платите помеѓу вработените во судската служба и платите на судиите е на досега највисоко ниво. Истовремено се престана со исплата и на додатоците на плата за вработените во судската служба. Иако се зборува дека платата на вработените во судската служба е зголемена за 15 % , вистината е, дека само додатоците кои до тогаш се исплаќаа на вработените во судската служба, се прелеани во платата и дека всушност нема зголемување на плата бидејќи се престана со исплата на додатоци.
Од тие причини ЗСА оствари средби со релевантни институции и побара поддршка од Судски совет за измени на Законот за судска служба со кој ќе се утврдат повисоки плати за судската служба , а дотогаш , како преодно решение да се исплаќаат додатоци во висина од минимум 25 % . Вакво барање беше доставено до Судскиот буџетски совет, меѓутоа истото не беше прифатено, а како причина за неприфаќањето било немањето на средства во судскиот буџет, кои најверојатно се потрошени после исплаќањето на зголемените плати на судиите.
Напоменуваме дека вработените во судската служба немаат ништо против зголемувањето на платите на судиите , кои сега може да се каже дека се европски, меѓутоа бараме европски третман и европски плати и за вработените во судската служба, бидејќи истите во најголема мера, околу 90 %, се пониски од просечната плата , а блиску до минималната плата.
Заради тоа, а во насока на обезбедување на повисоки плати, Здружението на судска администрација во текот на следната недела заедно со независниот синдикат на државна администрација ќе организира предупредувачки протест пред судовите во Скопје.
Здружението на судска администрација за следната недела закажа и средба со УПОЗ , на која средба ќе се разгледуваат начини и активности за понатамошно дејствување до реализација на нашите барања.
Ја користам оваа прилика во име на вработените во судската служба јавно да реагирам на изјавата дадена од страна на Претседателката на синдикалната организација при Судски совет на протестот одржан на 07.06.2023 година. Претседателката на синдикалната организација при Судски совет даде некоректна изјавата со која кажа невистина дека на судските службеници во два наврати им се покачени платите за 35 %, а не е вистина и дека судската служба зема 35% поголеми плати од администрацијата која работи во рамките на Судскиот совет.
Вработените во стручната служба при Судски совет, се наши колеги, и ги подржуваме во сите нивни барања, и сакаме истите да ги остварат.
Борче Мирчески,
Претседател на ЗСА