РЕАКЦИЈА НА ОДРЖАНА ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА

ДО

МИНИСТЕР ЗА ПРАВДА ПРИ ВЛАДА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

г-ѓа РЕНАТА ДЕСКОСКА

Почитувана  министерке Дескоска,

Сведоци сме на време кога во други области од јавната администграција, штрајкот и заканите со штрајк за повисоки плати и во официјалните изјави на одделните министерства добиваат третман на легитимно право на вработените.

Истовремено на протестот на судската служба за одлуки од страна на СБС  и апел за подобрување на професионалната и материјална положба на вработените заради скоро минималните плати на дел од судската служба и несоодветното и неправично вреднување на образованието и стручните квалификации на друг дел од вработените,  Министерството за правда одговора со очекување дека наместо тоа треба  да реагираат на примери за криминал и застарени предмети во судовите.

Верувам дека сте запознати дека како Здружение на судска администрација, на сите работилници, наши предлози за нови или измена на актуелни законски и подзаконски акти, на советувања организирани самостојно или преку Академија за судии и јавни обвинители, наш ангажман е јакнењето на капацитетите на судската служба од секој аспект – професионален и етички и со промоција на вредности кои треба да ги поседуваат судските службеници. Судската служба на судовите преку Работното тело за управување со движењето на предметите во судовите,  месечно достаува извештаи до претседателот на судот а тој и до Судскиот совет помеѓу другото и за  стари нерешени предмети по број, вид на предмет и судија кај кого предметот е во работа.

Има ли  судската служба законско овластување да реагира со протести за поединечни случаи на корупција или застарен предмет во суд па сега јавно да биде прозивана  за тоа ?

.

Наведувате дека „во судството постои конфликт внатре помеѓу различни групи за начинот на поделба на средствата за кои самите одлучуваат“. Почитувана министерке, за каков конфликт  може да стане збор кога Судскиот буџетски совет се раководи и е составен само од една категорија на вработени во судовите а судската служба нема ниту свој претставник во  истиот  ниту пак некој ја консултирал за нешто ?  Зарем заложбата за подобра материјална и професионална состојба не е легитимно барање за кое треба барем да се сослушаат аргументите а не барањето и целата судска служба да биде перцепирана во контекст на видео клип и слушнати примери за скапи автомобили на доставувачи.

Неправедно, навистина неправедно па макар било и од Министерството за правда.

Уверен суд дека огромниот дел од вработените во судската служба професионално, совесно и одговорно ги извршува своите работни задачи и на ваков начин длабоко се повредува нивниот професионален дигнитет. 

За жал преку реакцијата на одржаниот протест, пропуштена е и можноста за исчекор во насушната потребата за подигнување на нивото на комуникација и меѓусебно разбирање помеѓу судиите и судската служба. Кога претседател на еден од најголемите судови, првпат во современата историјата на македонското правосудство  искажува позитивно мислење за своите вработени во судската служба,  на истиот јавно му е возвратено дека е лесно да подржува барање на вработените во судската служба. Ако е толку лесно тогаш зошто досега тоа не го сторија 500 негови сегашни и уште толку негови поранешни колеги?

Очекувавме барем да не сослушавте, бидејќи укажавме  а не се заканивме со  протести и штрајкови. И Стратегијата за реформа на правосудниот сектор укажува на значењето на состојбата во судската служба за ефикасноста на судството? Зарем да бидеме неми сведоци на состојби кои го кочат функционирањето на судовите со полн капацитет и да се раководиме од петвековната  максима на овие простори „Наведната глава сабја не сечи“

Сепак, Вие сте наш министер и како вработени во правосуден сектор и како граѓани на Република Северна Македонија  тоа несомнено ќе го почитуваме, уште повеќее со оглед на Вашиот досегашен ангажман за  судството и судската служба .

Со почит,

                                    Претседател на Здружение на судска администрација,

                                                               Сашо Темелкоски

Судови во Република Северна Македонија