Здружението на судска администрација како професионално здружение на вработените во судската служба, ја изразува својата загриженост од ненавременото, нетранспаретно и без критериуми донесување на Единствениот годишен план за вработување за 2020 година и праксата за менување на годишните планови за вработување на судовите.
Врз основа на кој законски или подзаконски акт, стручна служба на Судскиот буџетски совет црпи овластување да ги менува веќе изработените во законски рок до 01.03.2019 г. годишни планови за вработување на дел од судовите и така изменети во месец февруари 2020 да ги доставува до судовите со барање претседателите и судските администратори да ги потпишат со датум од 21.11.2019 година ?
Согласно чл.22 од `Законот за судска служба, Судскиот буџетски совет врз основа на пооделните годишни планови за вработување на судовите го изготвува Единствениот годишен план за вработување и го доставува до Министерството за финансии. Кои од барањата на судовите ќе има можност да бидат реализирани секако дека ќе биде одлука на натамошна анализа. Но Судскиот буџетски совет и неговата стручна служба ниту ги знае состојбите на пооделни судови ниту има овластување самовласно да ги менува содржините на веќе изработените годишни планови, бидејќи вработените не се само броеви, па имаме судови каде судовите немаат ниту книговодител или судски службеници кои извршуват работни задачи и од две работни места заради непополнување на веќе упразнетите. Како судовите да објаснат пред некоја идна ревизија дека утврдиле упразнување на неколку работни места во судот но не побарале нивно пополнување? Како судовите да објаснат дека имаат повеќе упразнети работни места а во вратените и корегирани годишни планови кои им се доставуваат воопшто и не фигурира дека побарале нивно пополнување?
Видно од доставениот Единствен годишен план, повеќе упразнети места во дел од судовите по основ на пензионирање во 2020 година ќе бидат изгубени и од 01.01.2021 година барањата по однос на овие работни места ќе се третираат како барања за нови вработувања, бидејќи од страна на Судскиот буџетски совет не е планирано нивно пополнување со Единствениот годишен план за вработување во 2020 година. Отсуствува било каква информација за критериум по кој тоа е направено исто како што отсуствува информација за критериум/и со кои (освен во Управен суд) се планирани нови вработувања во одделни судови или за несразмерната распределба на планираните унапредувања повеѓу повисоките и основните судови.
Повикуваме на местото од ваквиот нетранспарентен начин на планирање на пополнување на упразнетите работни места, во кој се препознава лобирање за пооделни судови, да биде имплементиран процес со јасно определени критериуми во кој преку зајакната координација со извршната власт ќе бидат изработувани Единствени годишни планови, кои ќе бидат во функција на заложбата за јакнење на капацитетите на судската служба во сите судови, како една од стратешките цели зацртана во Стратегијата за реформа на правосудниотс сектор 2017-2022 година.