Предлог до Претседателите на подружници и Судските администратори

Штрајкот на Судската администрација навлегува во седмата недела. Штрајкот кој во овој момент е актуелен, отпочна откако претходно вработените во судската служба се обидоа преку предупредувачки штрајк како и преку три дневен штрајк да им укажат на претставниците на извршната власт дека треба да преземат сериозни чекори во решавање на барањата на судската служба. Ваквите напори на вработените во судската служба, сепак не беа сериозно сфатени од надлежните институции, заради што неминовно беше отпочнување со штрајк кој трае и денес.

Во изминатиов период од отпочнувањето на штрајкот вработените во судската служба презедоа најразлични чекори (организирање протести, известување на јавноста преку медиумите, преговори со Министерството за правда и со Судски совет на РМ, запознавање на меѓународниот фактор со ситуацијата и барањата на штрајкувачите и сл.) во надеж на побрзо реализирање на штрајкувачките барања и нормализирање на работата во судовите. Очигледно, ваквите напори не донесоа со резултат.

Резултат не донесе ниту предлог спогодбата што ја изработија ЗСА и УПОЗ и која што беше доставена до Министерството за правда. Иако оној кој што треба да нуди спогодба во ваква ситуација е Министерството за правда, сепак, во насока на разумност, ваква предлог спогодба изработија ЗСА и УПОЗ.

Најголемиот напредок во насока на позитивно решавање на штрајкувачките барања беше предлог спогодбата испратена од страна на Министерот за правда, без конкретни рокови и без определување на субјектот кој што треба да го изработи подзаконскиот акт за утврдување на висината на додатоците за плата. Малата искра надеж дека конечно се вразуми спротивната страна беше згасната после давањето на забелешките од страна на ЗСА и УПОЗ на предлог спогодбата доставена од страна на Министерот за правда. На овие забелешки Министерството за правда остана немо. Не сака спогодба со рокови.

Имајќи го сето ова во предвид (должината на траењето на штрајкот, наближувањето на судската ферија, неразумниот и неодговорен однос на спротивната страна во преговорите, интересот на јавноста и странките) произлегува дека во една констелација на двајца партнери, кога не може и двајцата, тогаш барем едниот мора да покаже разумност и одговорност, а ние и во извршувањето на работните обврски, како и во извршувањето на штрајкувачките активности, сме покажувале дека се работи за субјект кој што интересите на граѓаните и судството ги става и пред своите интереси. И овој пат го покажуваме истото.

Власта кон судската администрација се однесува како кон несакано дете кое не заслужува ист третман, иста љубов како и останатите деца. На три од нив им дава храна, а четвртото го остава гладно. Пред некои неправди, дискриминации, не може и не смее да се премолчи. Затоа и беа нашите барања, за ист третман на сите чинители во правосудниот систем на оваа држава.

            Зошто “неговата светост“ ГРАЃАНИНОТ во кој катадневно се колнеме, го ставаме во категорија неважен и да не може да си ги исполни своите потреби и барања.

            Вработените во судската администрација ја покажаа својата големина, покажаа дека и покрај огромните притисоци, закани со кратење на плати, со дисциплински постапки, останаа единствени и до крај спремни да ги одбранат своите човекови права, своето достоинство. Штрајкот е успешен и нема да прекине се до исполнување на, според сите, оправдани наши барања.

            Спогодбата која што Министерството за правда ја достави до ЗСА и УПОЗ, во која спорни беа само роковите, потврдува дека нашите барања се прифатени како оправдани од сите, па дури и од Министерството за правда. И понатака останува прашањето зошто и покрај тоа нема конструктивен пристап кон решавање на штрајкувачките барања и зошто сеуште нема никакви преговори.

            Во ситуација кога наспроти нас имаме страна која не е заинтересирана за решавање на оправданите штрајкувачки барања, која е  најодговорна за целокупното функционирање на судството, која треба да се грижи за навремено постапување по барањата на граѓаните и на која граѓаните и јавноста треба да и бидат на прво место, која треба на секое изразено незадоволство од областа на ресорот Министерство за правда, да покаже воља за решавање на проблемот преку преговори, а не да се однесува игнорантски.

            П  Р  Е  Д  Л  А  Г  А  М  Е:

            Ние да покажеме разбирање кон граѓаните. Иако на наша штета, штрајкот да го ставиме во мирување од 06.07.2016 година, до завршувањето на одморите. Во тој период ќе овозможиме граѓаните да ги реализираат своите права, а на властите ќе им оставиме време да размислат уште еднаш за нивниот однос кон нас и нашите барања, ќе им овозможиме да ги остават суетите на страна и да го повлечат најисправниот потег – Да ги прифатат нашите оправдани барања, истакнати пред почетокот на штрајкот и во предлог спогодбата.

            Доколку и до завршување на судската ферија не се охрабрат да изнајдат решение за нашите барања, ние повторно ќе го активираме штрајкот и повторно ќе дојде до израз нашата сериозност и истрајност, а целосната одговорност за евентуалното повторно активирање на штрајкот ќе ја сноси извршната власт.

Судови во Република Северна Македонија