На 02 април 2015 година, се одржаа „Отворени денови во судовите“. Целта на настанот беше запознавање на граѓаните со надлежноста и работата на судовите, како и полесно разбирање на базичните постапки и процеси кои се одвиваат во рамките на еден суд. Посетата се организираше преку обиколка на судот и судските простории, преку кои граѓаните се запознаваа со работата на судот, судиите и судската администрација.
„Отворените денови во судовите“,симултано се спроведуваа во седум различни судови: Основен суд Струга, Основен суд Охрид, Основен суд Струмица, Основен суд Битола, Основен суд Велес, Основен суд Прилеп и Основен суд Тетово. Како посетители се јавија ученици од средните училишта, студенти од правните факултети како и други заинтересирани граѓани. Посетите беа организирани во три групи, со времетраење од околу 40 минути за секоја група.
Согласно агендата, на посетителите најпрво им беше презентиран краток историјат за судот, неговата надлежност и начин на работа. Потоа беше објаснета работата на судиите и судската администрација. На крајот, се спроведе обиколка низ судските простории: приемно одделение, шалтер сала, канцеларија за односи со јавност, судници и сл. Посетителите беа одблиску запознаени и со начинот на кој се одвиваат судењата, особено кога има тонско снимање, поставеноста на судиите, судиите поротници, записничарите, странките во постапката и јавноста.
Во Основниот суд Велес, посетителите имаа можност да присуствуваат на главен претрес во кривична постапка за кривично дело „разбојништво“. По завршувањето на претресот посетителите поставува прашања на кои одговараа портпаролот на судот, судскиот администратор и вработените од писарниците. Основниот суд Струга, организираше и средба на посетителите со судскиот администратор и претседателот на судот кои на посетителите им ги објаснија своите ингеренции. Во Основниот суд Прилеп и Основниот суд Битола, пак, членови на Европското здружение на студенти по право, презентираа брошура за бесплатна правна помош. Брошурата се однесуваше на начинот, условите и видот на бесплатната правна помош која граѓанинот може да ја добие. И во останатите судови: Основен суд Охрид, Основен суд Струмица и Основен суд Тетово настанот беше проследен со голем ентузијазам од страна на посетителите и се одвиваше согласно предвидената агенда.
Јавноста покажа голем интерес за „Отворените денови во судовите“ за што говори и високиот број на посетители. За настанот известуваа голем број медиуми од сите градови каде беше организиран. Посетителите изразија желба за повторно присуство на вакви настани а особено голем интерес побуди можноста да присуствуваат на судења за кривични предмети.
„Отворените денови во судовите“ беа организиран од страна на Советот за владеење на правото, кој е неформална коалиција основана на 5 јули 2013 година од страна на Македонското здружение на млади правници, Здружението на судска администрација, Европското здружение на студентите по право во Република Македонија и Коалицијата „Сите за правично судење”. Советот претставува отворена мрежа на организации и истакнати поединци, активни на полето на владеење на правото. Примарната цел на Советот е да ги поддржи реформите во судството и да го промовира владеењето на правото во Република Македонија.