На 24 и 25 Јануари 2013 година, во хотел Мрамор во Скопје, се одржа обука за “Воспоставување и одржување ефективни партнерства и соработка” како дел од проектот на USAID за “Јакнење на судството”, кој се спроведува од страна на ЕМБРА корпорација и МЕСАКОНС. На истата присуствуваа дел од членовите на Комисијата за односи со јавност, меѓу кои и претседателката на комисијата г-ѓа Кристина Доневска, вработена во Врховен суд – Скопје како и потпретседателот на здружението г-дин Илија Николовски, судски администратор на Апелационен суд – Битола. Обуката ја водеше г-дин Зоран Јанакиев, претседател на Македонскиот Институт за Интеграција (МИИ) и директор на МЕСАКОНС.
Партнерствата може да се формираат меѓу поединци или организации со заеднички интерес како што се: донатори, приватниот сектор, медиумите, владиниот сектор и сл. Главна цел на работилницата беше изнаоѓање ефективни и ефикасни начини за воспоставување и одржување на соработка и партнерства на ЗСА со други организации, здруженија, донатори, медиуми и сл., кои би биле од суштинско значење за успехот на здружението. При тоа беа разгледани и потенцирани придобивките од истите.
Моментално, на меѓународен план, здружението има воспоставено соработка со сродни здруженија од Р. Бугарија и Р. Србија, има учествувано и на меѓународна конференција на која учествуваа сродни здруженија од целиот свет, а која се одржа во Хаг, Холандија. На домашен план здружението на судска администрација, веќе подолг период успешно соработува со USAID.
Со зајакнувањето на постојните и воспоставувањето на нови партнерства би се отвориле нови перспективи за здружението, би се отстраниле бариерите за напредување, и би се овозможила постојана заштита и пристап до поголем спектар на можности за членовите на здружението како што се: обуки, образование, напредок, размена на идеи, искуства и сл.
Во текот на обуката беа идентификувани и потенцијалните идни партнери со кои здружението би можело да оствари соработка и да гради партнерства во насока на остварување на заедничките цели и интереси, а нареден чекор е изнаоѓање начини за привлекување на посакуваните партнери како и продолжување и зацврстување на соработката со постојните.





