Здружението на судска администрација во континуитет на веќе одржаната работилница на тема “Организациски и менаџмент вештини”, на 14.03. и 15.03.2013 година, во хотел Континентал, Скопје, ја одржа обуката на тема “Менаџмент и лидерство”.
Обуката е дел од проектот на USAID за “Jакнење на судството“ кој што се спроведува од ЕМБРА корпорација и МЕСАКОНС. Модератор на оваа обука беше г-ѓа Благица Ристоска Тулов, а присуствуваа претседателот на Здружението г-дин Борче Мирчески, како и членовите на Управниот одбор на ЗСА.
“Лидерите имаат волја да го направат она за што другите луѓе немаат волја” – истакна модераторот г-ѓа Благица Ристоска Тулов. За да бидат успешни лидерите мора да ги поседуваат следниве карактеристики: напорно да работат, да бидат љубопитни и да имаат желба за учење, да умеат да комуницираат, да работаат на себе и да не се откажуваат, да имаат визија за иднината, да одговараат и да реагираат веднаш.
Во текот на обуката, присутните беа воведени во концептот на видлив и конзистентен менаџмент со кој се посочува на стил на лидерство во кој менаџерот и останатите во системот на менаџирање директно и отворено разговараат со вработените за тоа како треба да функционира формата, кон кои цели се стреми таа, што менаџерот очекува да види од своите вработени, концептот на асертивно однесување, како и менаџментот на конфликти.
Во текот на обуката присутните изработија сопствена евалуација на нивното менаџерско однесување, тест за мерење на менаџерска ефективност, како и профил на организациско и менаџерско однесување во организациите во кои работаат.
Покрај работилницата, на 15.03.2013 година се одржа и состанок на управниот одбор на Здружението на судска администрација. На одржаниот состанок, членовите на управниот одбор ги разгледаа и усвоија: финансискиот и работниот извештај, измените на статутот на ЗСА и Правилникот за позајмица. Се дискутираше и за тековни прашања, како и за следни активности на Здружението на судска администрација.