Одржана обука на тема “Менаџмент на човекови ресурси и волонтери“

           Членови на Здружението на судска администрација заедно со претставници од Македонско Здружение на млади правници, на 03 и 04 Октомври 2013 година присуствуваа на обука на тема “Менаџмент на човекови ресурси и волонтери“. Обуката се одржа во хотелот “Сириус“ во Струмица и е дел од проектот на USAID  за “Јакнење на судството“ кој што се спроведува од страна на ЕМБРА Корпорацијата и МЕСАКОНС, а ги опфаќа и двете здруженија.

             Менаџментот на човекови ресурси е планиран пристап за ефективно менаџирање на луѓе со цел да се зголеми учинокот, бидејќи луѓето, нивните способности, мотивација и задоволство се главни фактори за постигнување на успех.

            Волонтерите се значаен дел од секоја организација. Здружението на судска администрација за своите потреби има ангажирано две волонтерки: административен соработник и претставник за односи со јавност. За време на обуката од страна на предавачите г-ѓа Благица Ризоска Тулов и г-ѓа Весна Алексоска, беше презентирана и програма за волонтери која што вклучува дизајнирање на волонтерски позиции, регрутација и селекција. ЗСА во иднина ќе работи на развивање на една ваква програма со цел да се регрутираат нови волонтери кои што ќе му помогнат на Здружението, а приоритет е регрутирање на волонтери кои ќе бидат обучени за изработка на проекти.

            По завршувањето на обуката се одржа и работна средба на која што присуствуваше претседателот на Здружението г-дин Борче Мирчески и претставници на Комисијата за позајмица. На средбата беше презентиран Извештајот за динамиката на реализација на Правилникот за позајмица во периодот од Јуни до Септември 2013 година, од кој што е очигледен големиот интерес кој членовите го имаат за искористување на оваа поволност која ја овозможува членството во здружението. Исто така беа дадени предлози и сугестии, како поуспешно би се реализирал овој проект со цел да се задоволат барањата и да им се помогне на што  поголем број од нашите членови.

Судови во Република Северна Македонија