Одржана конференција на тема “Правната професија во Република Македонија-предизвици, проблеми и перспективи“ на која присуствуваа членови на ЗСА

          По повод десетгодишнината од постоењето на Македонското здружение на млади правници, на ден 06.12.2013 година, во хотел Холидеј Ин, во Скопје, се одржа Конференција на тема „Правната професија во Република Македонија-предизвици, проблеми и перспективи“ во организација на Македонското здружение на млади правници и Проектот на УСАИД за јакнење на судството во Република Македонија.

          Воведни обраќања на Конференцијата имаа Мартина Смилевска-претседател на Македонското здружение на млади правници, Блерим Беџети-министер за правда на Р.М и Нена Ивановска-Директор на Проектот на УСАИД за јакнење на судството во Р.М.

          На покана од Македонското здружение на млади правници, како претставници на нашето Здружение за судска администрација беа повикани Панче Ќосев и Марта Спасовска.

          На Конференцијата беше отворена јавна дебата околу прашањата дали и во која мера реформите во правничкото образование и професија придонесуваат кон нејзино зајакнување и кое е влијанието на овие реформи врз младите и идни правници.

          Во поглед на прашањето за тоа дали воведувањето на Болоњскиот систем на студирање придонесе за подобрување на правното образование во Р.М, како учесници во дискусијата збор зедоа следните учесници:Проф.д-р Гордана Бужаровска, продекан за науа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Доц.д-р Каролина Ристова Астеруд од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Доц.д-р Вида Поповска-Кочишка, професор на Факултетот за правни науки при Универзитетот Фон во Скопје, Д-р Даница Миладинова, извршен директор на Здружение на правници на Р.М, Милчо Велјановски од Академик од Скопје и Марија Василевска од Скопје.

          Вториот дел од конференцијата беше посветен на прашањето дали промената во начинот на полагање на правосудниот испит согласно новиот закон ќе ја подобри стручноста на идните адвокати, судии и јавни обвинители и кои се посебните проблеми и предизвици на секоја од правните професии низ призмата на спроведените и тековни реформи во правосудниот систем на Р.М.

          Како учесници во вториот блок беа:Маргарита Цаца Николовска-меѓународен судија на Уставниот суд на Босна и Херцеговина,Гордан Станковиќ-Претседател на Комора на Ивршители, Панче Ќосев од Здружение на судска администрација, Ѕвонко Давидовиќ, адвокат и Александар Алексовски-секретар на Комисијата за полагање на правосуден испит од Министерство за правда.

          Министерот за правда Блерим Беџети имаше кратко воведно излагање кое се однесуваше на правничката професија во Република Македонија, при што истиот го истакна значењето на Академијата за судии и обвинители.

          Во таа конотација, нашиот претставник ја објасни положбата на судската администрација согласно Законот за судска служба, при што интересирање од присутните правници имаше најмногу за ситуацијата во која моментално се наоѓаат судските соработници и нивниот статус во смисла на системот на кариера.

          Од оваа конференција беше донесен заклучок дека Академијата за судии и обвинители е неопходна за секој правник доколку сака да напредува во смисла на функцијата судија или обвинител, при што неопходен услов за секој правник кој е од старата програма односно 4-четиригодишно образование покрај наброените услови цитирани во огласот исткнат од Академијата, е и поседување на магистерска титула заради изедначување со правниците кои студираат според Болоњскиот систем на студирање.

Судови во Република Северна Македонија