Здружението на судска администрација на РМ учествуваше на Шестата Светска конференција која се одржа од 9 до 10 декември 2013 година, во Дубаи – Обединетите Арапски Емирати. Конференцијата беше организирана од страна на Меѓународната асоцијација за судска администрација- International Association for Court Administration (IACA), во соработка стратешките партнери, судовите во Дубаи и DIFC судови како домаќини на конференцијата. Овој настан во Дубаи беше прв од ваков вид во регионот на Блискиот Исток, а се одржа под покровителство на Неговото Височество Шеик Maktoum Bin Rashid Al Maktoum, Заменик владетел на Дубаи и Претседател на Судскиот совет на Дубаи и Richard Foster – претседател на IACA. Фокусот на конференцијата беше ставен на концептот “усовршување на судството” со цел да се поттикне унапредување на судството на меѓународно ниво и да се оствари соработка меѓу судските службеници на глобално ниво како и да се развијат институционални рамки за оперативна ефикасност на судовите.
Судовите во Дубаи и DIFC судовите важат за едни од најдобро организираните судски институции кои служат како пример во регионот на Блискиот Исток. На овогодинешната конференција на тема “Усовршување на судовите во услови на променлив свет” организаторот – IACA стави силен акцент на усовршувањето и унапредувањето на судството со цел зголемување на нивната ефикасност. На конференцијата учество зедоа судии, претставници на Министерствата за правда, претставници на Врховните судови, адвокати, консултанти, универзитетски професори, менаџери и претставници на правосудните органи од повеќе од 50 земји од светот – сите со цел да иницираат сеопфатен пристап кон подобрување на стандардите во работењето на судовите, ефикасност и транспарентност. Конференцијата се одвиваше во неколку сесии, водени од страна на модератори. Пред присутните учесници беа претставени судски практики од различни држави и начини за зголемување на ефикасноста и довербата на јавноста во судството.
Делегацијата која го претставуваше Здружението на судска администрација на Р.М. беше составена од: Борче Мирчески – Претседател на Здружението, Соња Груевска – Судски администратор на Врховен суд на Р.М. и Кристина Стојановска – Судски советник во Врховен суд на Р.М. и Претседател на Комисија за односи со јавност на Здружението.
Сесијата на која се претстави Здружението на судската администрација на Р.М. беше модерирана од страна на Аli Аl Madhani – судија од DIFC судовите на Дубаи. Трудот со кој се претстави ЗСА беше на тема “Зголемување на надлежностите на судските администратори – за и против, Развој преку јакнење – Моделот на Република Македонија”, а истиот беше презентиран од г-ѓа Соња Груевска – Судски администратор во Врховниот суд на Република Македонија. Елаборатот со пропратните документи за презентацијата изготвени за самата Конференција, го прикажаа развојот и трансформацијата на позицијата судски секретар во професионален судски администратор. Истите имаа за цел да го прикажат влијанието на реформите во процесот на модернизација и јакнење на судскиот систем на Република Македонија притоа изложувајќи го македонскиот модел на судски администратор, правата, обрските и должностите на носителот на таа позицијата, како и „за“ и „против“ аргументи и факти за зголемување на неговите надлежности. Покрај тоа беше презентиран и објаснат 17 годишниот развој на позицијата судски администратор во судскиот систем на Р.М. како и системскиот пренос и транзиција на управувачките авторитети преку различни законски решенија. Презентацијата заврши со изложување на моменталните предизвици со кои се соочуваат носителите на оваа позиција. Презентацијата побуди голем интерес кај присутните учесници на конференцијата и беше оценета како една од доминантните теми од низата сесии. Како резултат на тоа уште на истата конференција ЗСА доби покана за соработка од Националното здружение за управување со судовите од Тексас, САД и канцеларијата на УСАИД за судска администрација во Украина.
Претставниците на ЗСА за време на Конференцијата остварија контакти со поголем број од учесниците, водејќи конструктивни разговори за идни заеднички соработки и активности во повеќе области од заеднички интерес, истакнувајќи ја потребата од соработка за развој на ефективни програми заради обезбедување позитивно влијание врз судските перформанси и надминување на постоечките недостатоци. Исто така, претставниците на ЗСА разменија контакти и искуства во насока на подобрување на ефикасноста, модернизација, унапредување на финансиското работење во судството и институционалната независност на судовите.
Настанот имаше за цел да ги мотивира лидерите на судската администрација низ светот, што од своја страна на ЗСА му овозможи да се стекне со информации и знаења за најдобрите судски практики, најновите стратегии за воведување промени и успешни примери на ефикасност на судовите од целиот свет, практики од областа на стратешко планирање, лидерство и менаџмент, управување со предмети, новини од областа на технолошкиот развој и глобалните економски предизвици, предизвици на раководството при одржување на високо ниво на транспарентност и обезбедување еднаков пристап до правдата за сите структури во општеството, влијанието на интернетот и социјалните медиуми врз зголемувањето на довербата на граѓаните во судовите, значењето на партнерите на судовите, глобалната економска нестабилност и нејзините последици врз судските буџети и предмети, како и можностите за следење на динамиката и движењата на судските системи во глобални рамки.
Конференцијата претставуваше уникатен собир на глобалните правни и судски експерти и беше доказ за достигнувањата на IACA и нејзините стратешки партнери, во судската арена.
Шестата Светска Конференцијата заврши со поздравен говор на Г-ин Richard Foster – Претседател (IACA) кој ги покани учесниците на следната Конференцијата која ќе се одржи во 2014 година во Сиднеј Австралија. ЗСА ќе направи напор со своја делегација да присуствува и на оваа конференција.