Јавна трибина за колективниот договор на судската администрација

Здружението на судска администрација заедно со синдикатот на УПОЗ, склучи меморандум за соработка за сите прашања кои се од значење за вработените во судската служба.

            Како прва активност во рамките на склучениот меморандум беше организирање на трибина на тема „Социјалниот дијалог во судството, кои се партнерите и дали ја знаат својата улога и одговорност“. Замислата на оваа трибина беше да се утврди кој од страна на правосудните органи треба да го потпише колективниот договор на ниво на гранка.

          Јавната трибина се одржа на 21.11.2013 година, во Скопски саем. Таа беше поддржана од страна на од Фондацијата Фридрих Ерберт а на неа покрај претставници на ЗСА  учество зедоа и претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски, претставникот на фондацијата Фридрих Ерберт Милан Живковиќ, доцент д-р Лазар Јовевски, професор, на правниот факултет “Јустинијан Први” и државниот секретар во Министерството за правда Илија Ристовски, во име на министерот за правда Блерим Беџети. На оваа трибина не присуствуваа претставници на судскиот совет и врховниот суд на Р.М.

          За време на средбата главна тема на дискусија беше потребата од побрзо потпишување на  гранскиот колективен договор. Гранскиот колективен договор до сега не е потпишан од причини што од страна на правосудните органи нема јасна визија кој всушност треба да биде потписникот на овој колективен договор покрај синдикатот.

          Според излагањата на доц. Д-р Лазар Јовевски, синдикатот треба да потпише секторски а не грански колективен договор. Имено секторскиот договор би се однесувал на секоторот правосудство. Според неговото излагање како и излагањето на други учесници на оваа трибина произлегува дека за да се разреши ова прашање ќе бидат потребни дополнителни законски измени како и активно учество на претставници од правосудните органи. Меѓутоа во овој момент како најблизок можен потписник покрај синдикатот би требало да биде Судскиот буџетски совет.

          Со оглед дека решавањето на ова прашање е од голема важност за вработените во судската служба и понатака ќе бидат преземани дејствија и активности во насока на решавање на ова прашање.

          Здружението на судска администрација и во иднина ќе продолжи да настојува и да се залага за унапредување на положбата на судските службеници.

Судови во Република Северна Македонија