ЗСА.бр.8/24
04.03.2024 година
Охрид
Почитувани,
Преку овој допис Ве известувам дека на ден 23.02.2024 година, претставници на ЗСА остварија средба со претседателката на Судски совет на Република Северна Македонија, Весна Дамева. На средбата од страна на Здружението беше присутен Борче Мирчески, како претседател на Здружението и членот на Управниот одбор на ЗСА, Тина Божиноска.
На средбата со претседателката се разговараше по однос на три барања, и тоа:
1. Продолжување на исплаќање на додатоци на плата за судските службеници, во периодот додека траат претседателските и парламентарните избори и потоа;
2. Предлог за измена и дополнување на законските одредби за избор на судија, и тоа да може да се врши избор на судии и од редот на раководните и стручните судски службеници под одредени услови, различни од сегашните;
3. Исплаќање на јубилејни награди за судските службеници;
4. Тековни прашања.
По однос на првата точка, претседателката ја изрази својата поддршка, исплата на додатоци за вработените во судската служба да има континуирано секој месец. Исто така изрази подготвеност, по ова прашање уште еднаш да разговара со извршната власт, посебно со Министерството за финанасии се со цел да не дојде до реализација на најавата дека за време на избори не треба да се делат додатоци.
Од страна на претставниците на здружението беше истакнато дека тоа право не е ново право за вработените во судската служба и дека истото е предвидено и уредено во Законот за судска служба и во Правилникот за додатоци на плата , нивната висина и начинот на утврдување за судските службеници и како такво нема пречка да продолжи да се исплатува и за време на изборите. Претставниците на ЗСА, како аргумент повеќе кон својот став по ова прашање го истакнаа и фактот што за време на локалните избори одржани во 2021 година со исплата на додатоци се продолжило и во периодот додека траеле локалните избори.
Во врска со второто барање со кое ЗСА се залага за законски измени за начинот на избор на судии и наместо со статус ,,кандидат за судија“ да се стекнуваат само кандидати по постојното законско решение , таков статус да може да се добие и по еден друг пат, забрзана постапка , преку која со статус ,,кандидат за судија“ би се стекнувале и кандидати од редот на стручните или раководните судски службеници кои ќе исполнуваат одредени критериуми и кои ќе посетуваат кратка обука во АСЈО.
Претседателката и по ова прашање ја изрази својата подготовка да помогне да се прифати ваков предлог, меѓутоа истакна дека веќе била присутна на разговори со претставници од Eвропската комисија , кои во тој момент не биле расположени за каков било друг предлог освен постојниот. Но со оглед дека ситуацијата сега е видно изменета ( видно намален број на судии), таа се согласи дека повторно треба да се направи обид преку нов предлог кој ќе биде презентиран пред претставниците на Европската комисија, да дојде до промена на ставот, се со цел да може да се врши избор на судии и од редот на раководните и стручните судски службеници под одредени услови различни од сега законски предвидените.
За таа цел побара од здружението писмено изготвен предлог во врска со условите и начинот на избор на судија од редот на раководните и стручните судски службеници, како би можела да презентира пред меѓународниот фактор со намера да се изврши промена на ставот за избор на судија.
Претседателот на здружението по однос на таквото барање, врз основа на досегашното искуство, побара од членовите на Управниот одбор да дадат свои предлози за избор на судии. Врз основа на доставените предлози , претседателот на ЗСА ќе изготви писмен предлог за избор на судија и истиот ќе го достави до претседателката на Судски совет.
По однос на третото барање, исплата на јубилејните награди, Претседателот на ЗСА го истакна барањето на членовите на ЗСА , јубилејни награди да се исплатат на секој кој што наполнил најмалку 10 години работен стаж кај ист работодавач. Ваквиот став го поткрепи со одредбата на член 20 ст.1 ал.11 од Општиот колективен договор, каде е предвидено дека ,,судските службеници во делот за надоместоци на трошоци поврзани со работата имаат право на надомест за јубилејни награди “ и ст.4 од истиот член кој предвидува дека ,, Јубилејните награди се исплаќаат за непрекината работа кај ист работодавач за најмалку 10, 20, 30 и 40 години работен стаж во висина од …….“.
Својот предлог претседателот на ЗСА го поткрепи и со фактот што во Законот за плати на судиите во член 14е предвидено дека„судијата има право на парично примање во висина од една негова плата на име јубилејна награда за десет години судиски стаж, две плати за 20 години судиски стаж, односно три плати за 30 години судиски стаж“ . Врз основа на ваквата законска формулација која е идентична со онаа во Општиот колективен договор, Судскиот буџетски совет во 2008 година донел одлука и исплатил јубилејна награда за секој судија кој наполнил најмалку 10 години работен стаж кај ист работодавач. Од тие причини предлогот на ЗСА е да се исплатат јубилејни награди за сите судски службеници кои навршиле најмалку 10 години работен стаж кај ист работодавач , а не само на судските службеници кои во 2024 година имаат точно 10,20 30 или 40 години работен стаж.
Претседателката, по однос на ова барање, откако ги сослуша аргументите , побара да и се достават писмени докази за наводите изнесени од страна на делегацијата на ЗСА.
Врз основа на таквиот предлог, со писмен допис од 01.03.2024 година, претседателот на ЗСА, до претседателката на Судскиот буџетски совет достави докази (аналитички картици, одлуки и решенија) со кои го поткрепи своето барање и од кои може да се согледа дека во текот на 2008 година на секој судија кој до таа година имал остварено најмалку 10 години работен судиски стаж кај ист работодавец му била исплаќана јубилејна награда и побара да се разјасни од која законска одредба Судскиот буџетски совет при носењето на одлуката од 29.01.2024 година, ја извлекол формулацијата „точно навршиле 10, 20, 30 и 40 години работен стаж“ и со тоа оневозможил да им биде исплатена јубилејна награда на оние кои во оваа година (2024 година) оствариле повеќе ( најмалку) од 10, 20, 30 или 40 години работен стаж.
По однос на четвртото барање кое претставниците на ЗСА го изнесоа пред претседателката на Судски совет , беше можноста, здружението да биде вклучено во одредени проекти преку кои ќе се обезбедат ангажмани за членовите на ЗСА, се со цел остварување на одредени проекти активности кои би биле и од интерес на членовите на здружението .
Претседателката на Судскиот совет на Република Северна Македонија, искажа особена поддршка по однос на така поставените барања од страна на Здружението на судска администрација, и вети нејзина ангажираност при остварувањето на истите.
Претседател на ЗСА,
Борче Мирчески