Извештај за одржана обука на тема “Етиката и етичкото однесување на судските и јавнообвинителските службеници“

ИЗВЕШТАЈ

Од едукатори:

Гордана Николовска  – Судски соработник во Основен суд Битола

Силвана Дејаноска  – Судски соработник во Основен суд Битола

За одржана обука на тема:

Етиката и етичкото однесување на судските и јавнообвинителските службеници

одржана на ден 18.09.2013 година, во Основен суд Битола,

Општи напомени за обуката:

            Оваа обука е наменета за вработените во судската служба.Оваа тема предизвика  големо внимание и интерес од страна на вработените во судската служба кои беа учесници на обуката и истите активно се вклучија со свои  мислења и конкретни примери за етиката во однесувањето и постапувањето на судските службеници, како кон вработените, така и кон странките. Сметаме дека посветувањето поголемо внимание на оваа тема ќе придонесе за поголема унификација на примената на одредбите од Кодексот на етичкото однесување на судските службеници, особено за етичкото постапување и однесување со странките, како и етиката во облекувањето и однесувањето на судските и обвинителските службеници.

            Со оваа обука треба да бидат опфатени сите вработени во судската служба.

Краток осврт за одржаната обука:

            Обуката се одржа во Битола. Целна група беа судски службеници од подрачјето на Апелационен суд Битола. На обуката беа присутни службеници од Основен суд Битола, Основен суд Прилеп, Основен суд Охрид и Апелационен суд Битола.

            На еднодневната обука, според програмата беше презентирана темата Етиката и етичкото однесување на судските и јавнообвинителските службеници  од страна на едукаторите Силвана Дејаноска и Гордана Николовска. Oсвен презенатација, во обуката беа вклучени и голем број на  конкретни примери од секојдневното работење во судовите и обвинителството,како позитивни, така и негативни, во врска со етичкиот начин на однесување и работење како со странките така и со вработените, примери за создавање на позитивна етичка средина, која би помогнала за поголема ефикасност и ефективност во работењето,  конкретни примери за етичкиот начин на облекување, како и примери кои покажуваат како етичкото и неетичкото однесување  влијаат на општиот углед на судовите и обвинителствата.

Дискусии/прашања и одговори:

            Во текот на обуката, активно со свои коментари и примери беа вклучени сите учесниците ,кои даваа забелешки за доследната примена на одредбите од Кодексот на етичко однесување на судските службеници.

       Посебено учесниците се вклучија со примери во делот на пристојното и деловно облекување,како и во делот на факторите кои влијаат врз градењето на етичката средина и однесување. Најголемиот дел на забелешките се однесуваа во поглед на кршењето на одредбата за почитување на работното време, во делот на одредбите за пристојното облекување, посебно во летниот период, одредбите за ефективноста и економичноста во работењето….Општ заклучок беше дека Кодексот за судска етика се применува во голем дел од страна на судските службеници за што неопходно е да постојат и соодветни награди, согласно законските одредби, додека пак за оние кои секојдневно ги кршат одредбите, треба да постојат санкции.

         Општ заклучок беше дека кршењето на етичките одредби е поради слабата санкционираност на  неетичкото однесување. Поради тоа, сите укажаа на фактот дека  за доброто на сите, а пред се  и за угледот на институциите кои ги претставуваат судските службеници,  би било подобро доколку од страна на судските администратори се посвети поголемо внимание на примената на овој Кодекс, дури и доколку е потребно да се отпочне со примена на одредбите за дисциплински постапки норнирани во Законот за судска служба, со што сигурно би се постигнала примена на Кодексот за етичко однесување на едно завидно ниво онака како што доликува за еден судски службеник.

Заклучоци за обуката:

1. Со оваа обука потребно е да бидат опфатени сите вработени од судската и обвинителската служба.

2 Учесниците предложија оваа тема да им биде презентирана и на дел од  вработените во судската служба кои посебно и очигледно не ги почитуваат и секојдневно ги кршат нормите од Кодексот на судска етика.

3 Учесниците предложија ваква обука да се одржува и поединечно во судовите, за да на истата присуствуваат поголем број вработени од судовите а не само по неколку претставници при што целта за која обуката се одржува би била остварена и со поголем ефект.

4  Во судовите различно се применува кодексот на судска етика, особено чл. 3 од Кодексот, така што во некои судови носењето на фармерки се смета како кршење на одредбите од кодексот, додека пак во други судските службеници секојдневно ги  применуваат фармерките како дел од нивната работна облека.

5. Застарените компјутери на кои работат судските соработници, негативно влијаат на нивната ефикасност и експедитивност во работењето со што не може доследно да се примени ниту чл.  5 од Кодексот.

 6. Врз ефикасноста во работењето негативно влијае различниот пристап на судската управа кон однесувањето на поедници, посебно толерирањето на поединци во поглед на кршењето на одредбите за работно време, континуираното непримерно однесување на поединци кон странките со оглед на тоа што странките го оформуваат општиот впечаток за судот и судството во целост.

 Согласно погоре наведеното потребно е да се обрати посебно внимание на еднаквото применување на одредбите од кодексот од страна на сите вработени, како не би се создавале ситуации во кои некои вработените би се чувствувале повластени а поголемиот број  дискиминирани.

7. Во поглед на етичкото однесување беше и прашањето за тоа како да се остане професионалец, чиј дел е ефикасноста и ефективноста во работењето па посебно внимание се обрна и беа дадени предлози од страна на судските службени да се вршат дополнителни обуки за тонското снимање кое што е новина во работењето на судските службеници како и фактот дека сите службеници  немаат еднакво познавање на истото, така што наместо да се постигне поголема ефикасност и ефективност во работата се јавуваат случаи кога работата се извршува за многу подолго време од предвиденото, некогаш и без ефект, а сето тоа е резултат на недоволната обученост на службениците за користење на оваа  технологија.

8. Од страна на учесниците на обуката имаше предлог, во судовите да има место за пофалби и поплаки за вработените, а на тој начин би се влијаело на подигнувањето на нивото на примена на етиката во сите свери на однесувањето.

9. Во поглед на етичкото однесување стана збор и за оценувањето на судските службеници, кое исто така влијае на етиката во работењето, при што беше предложено како дополнителна тема, бидејки несоодветното оценување негативно влијае на работењето и однесувањето на судските службеници, кое е повторно дел од етиката.

10. Од страна на учесниците после дискусијата се дојде и до заклучок дека подолготрајната поврзаност и соработка на судиите со записничарите и стручните соработници, доведува до можност за кршење на етичките норми, при што како позитивен пример беше посочен Охридскиот суд, каде записничарите секој месец ротираат на распоред со различен судија. Заклучокот беше дека распоредите за работа, каде што се определува тимска работа треба да се изготвуваат за кратки временски периоди.

Извештајот го подготвија едукаторите:

Гордана Николовска

Силвана Дејаноска

Судови во Република Северна Македонија