Изготвување информација во врска со Законот за судска служба

По одржаната средба на претседателот на Здружението на судска администрација на Република Македонија, г-дин Борче Мирчески со Министерот за правда, г-дин Аднан Јашари, на која што беше договорено формирање работна група составена од претставници од Министерството и здружението, на ден 23ти и 24ти март, 2015 година, беше организирана дводневна работилница.

Работилницата се одржа во просториите на Врховниот суд на Република Македонија а на неа присуствуваа претставници од Здружението на судска администрација и Министерството за правда.

Целта на работилницата беше изготвување документ – информација, во врска со Законот за судска служба, кој потоа ќе биде проследен до Министерот за правда и Владата на Р.М. Информацијата ги третира законските одредби кои здружението ги смета како неповолни и контрапродуктивни во поглед на статусот на судските службеници. Во неа се наведени, образложени и аргументирани причините заради кои здружението смета дека Законот за судска служба е неопходно да претрпи одредени измени и дополнувања. 

Изготвувањето на информацијата помина во духот на тимска работа, креативност и партиципативност од страна на сите учесници.  

Во продолжение се наоѓа содржината на документот доставен до Министерството за правда:

Согласно Уставот на Република Македонија државната власт се дели на законодавна, извршна и судска. Ваквата поделба, подразбира дека секоја од овие власти има посебна внатрешна организација со организациони облици соодветни на нивните уставни и законски надлежности. 

Организацијата на судовите во Република Македонија како носители на судската власт е регулирана со Законот за судовите од 2006 година. Во овој закон со генерални одредби е регулиран и системот на судската администрација како значаен чинител во севкупниот процес на правораздавање.

Во рамките на ваквата уставна определба и поделба на власта, каде судската власт е издвоена како посебна власт и не се поистоветува со другите две власти, и  судските службеници не може да се поистоветуваат со службениците од законодавната и извршната власт и аналогно на тоа нивниот статус треба да биде регулиран со посебен закон. 

Дека е тоа така, зборува и генезата на законски прописи со кои бил регулиран статусот на судските службеници. Имено, во 2000 година беше донесен Законот за државни службеници чија цел беше целосно регулирање на статусот на државните службеници во однос на звања, работни места, плати, надоместоци на плати и други права од работен однос. Во овој закон беше регулирана и материјата за судската администрација, која стана составен дел на државната администрација и покрај тоа што Законот за судови, во делот за судската администрација, се уште беше во сила. Законот за државни службеници доведе до промени во класификацијата на работните места  и предизвика губење на хиерархиски највисоките звања во судството. Заради посебноста на внатрешната организација во судовите беше невозможно да се изврши усогласувањето со звањата и работните места во организационите единици на органите на државната управа. Во тој процес на усогласување, судската администрација беше распоредена во најниските звања.

Ваквото законско решение доведе до тоа да во судовите нема ниту едно звање од групата на раководни службеници, што пак понатаму беше пречка за имплементација на голем дел од законските одредби и причина за стагнација и уназадување на судската администрација.

Ваквата состојба ја наметна потребата од донесување посебен закон кој во целост ќе го регулира статусот на судската администрација. Со користење на искуствата од светските судски системи, Министерството за правда, го поддржа американскиот концепт што во 2008 година резултираше со донесување на Законот за судска служба, кој согласно спецификите, а по примерот на американското законодавство ги утврди статусот, правата, должностите, одговорностите на судските службеници и системот на плати и надоместоци на плати.

По двегодишна примена на Законот за судска служба, во 2010 година се пристапи кон измени и дополнувања на истиот, со што во духот на реформските процеси се подобри текстот на законот во делот на утврдените недоследности и недостацои од моментот на донесување на законот па во текот на целата негова примена.  При тоа се водеше сметка концептот на законот да не биде променет. Изменетиот и дополнет закон многу успешно се справуваше со веќе детектираните неправилности.

Вака поставениот модел со почитување на спецификите на судската администрација даде позитивни резултати но секако и понатаму остануваше потребата за подобрување на законските решенија со цел создавање постручна, попрофесионална и поефикасна судска администрација. Меѓутоа, кога вака утврдениот концепт на законот почна да дава позитивни резултати и кога статусот на судските службеници беше уредуван на начин кој одговара на специфичноста на судската служба, како дел од судската власт, во 2014 година се донесе нов Закон за судска служба, кој во себе содржи законски решенија пресликани од законите за јавна и државна администрација. Со ваквите законски решенија, предвидени во Законот за судска служба од 2014 година, повторно се актуелизираа проблемите кои беа надминати со донесувањето на Законот за судска служба од 2008 година и измените и дополнувањата од 2010 година.

Ваквите законски решенија во голем дел не соодветствуваат со Законот за судска служба од 2008 година, поради што новиот закон во голем дел е нејасен и недоречен, неприменлив заради одредени контрадикторности во некои од условите предвидени за судската администрација. Овој закон во себе содржи несоодветни законски одредби со ретроактивно дејство, истите не се реформски туку напротив, тие се ограничувачки, демотивирачки и воопшто не придонесуваат за подобрување на стручноста, квалитетот и ефикасноста на судската администрација, што беше основна цел на Законот за судска служба од 2008 година.

Со оглед на тоа што законот веќе започна да се применува, соочени со проблеми во неговата имлементација се укажува на потребата од негови измени и дополнувања особено во законските одредби кои во себе содржат демотивирачки, ретроактивен и контрадикторен карактер, кои се неприменливи, недоречени, како и законски одредби чија уставност треба да биде  предмет на преиспитување од страна на Уставниот суд.

Во продолжение наведуваме дел од таквите законски одредби:

Новиот Закон за судска служба во делот на посебните работни компетенции кои треба да ги исполнуваат сите категории судски службеници наложува поседување меѓународни признати сертификати објавени од официјален тестатор опишани во член 10, 11 и 12. 

Судските службеници своите работи и работни задачи ги извршуваат согласно домашните процесни закони, подзаконски акти и судскиот деловник, без никаква потреба на било кој од предвидените странски јазици во законот. Поседувањето на ваквите сертификати за стекнување на високо ниво на познавање на јазиците предизвикуваат и финансиски трошоци за судската администрација, а вопшто не придонесуваат во процесот на подобрување на ефикасноста во работата како основна цел.

– Законските одредби од Законот за судска служба кои ги регулираат условите на вработување на судскиот администратор, исто така имаат недостатоци и тоа во делот каде е предвидено дека судскиот администратор се избира од редот на судските службеници од категоријата Б, кои што треба да ги исполнуваат посебните услови за работно место за ниво Б1 на раководни судски службеници. Оваа одредба во судството е целосно неприменлива од причини што во ниту еден суд во Република Македонија нема раководни судски службеници.

Законот за судска служба од 2014 година не ја регулира постапката за оценување на судскиот администратор. Сметаме дека оваа постапка треба да биде целосно уредена во овој закон, што би значело регулирање на формата, начинот, критериумите и правната заштита. Притоа, да се имаат во предвид последиците од недоследното регулирање на истата, посебно во делот каде се нарушува професионалниот карактер и интегритет на судскиот администратор и неговото објективно и законито постапување. Исто така во оваа постапка за оценување на судскиот администратор недостасуваат критериуми кои би биле  објективни, мерливи и од суштинско значење за правилно спроведување на постапката за оценување, без притоа да бидат нарушени принципите на објективност, професионалност и правичност.

– Поради наведеното, како и според природата на работите и спецификите на работењето на судската администрација потребно е да се зголемат надлежностите на Советот на судска служба, со што Советот на судска служба би добил позначајна улога и надлежности со кои би се пополниле недореченостите и празнините кои го уредуваат работењето на вработените во судската служба а кои во Законот за судска служба од 2014 година, ги има во голема мера.

– Во делот на законските одредби за пополнување на испразнетите и новоотворените работни места по било кој основ, од 2008 година, кога Законот за судска служба за прв пат стапи во сила, до сега, не профункционира односно воопшто не се стави во функција интерниот оглас, иако би требало да се даде приоритет на интерниот оглас пред јавниот оглас. Ова од причина што во судовите работат судски службеници со долгогодишно професионално искуство чија што единствена можност за унапредување и мотивација е примената на интерниот оглас. Неприменувањето на интерниот оглас делува демотивирачки врз судските службеници. И Законот за судска служба од 2014 година, не го решава ова прашање.

– Законските одредби кои се однесуваат на начинот на оценување на судските службеници се демотивирачки и ограничувачки, бидејќи строго утврден е процентот на казнување и наградување. Акцентот е ставен на казнувањето а не на наградата како мотив за поквалитетно и стручно извршување на работните задачи. Одредбите за оценување се преклопуваат со одредбите за дисциплинска одговорност.

Делот на оценување треба да предизвика мотивација, да има карактер на наградување. Оценувањето треба да има правилно утврдени критериуми за утврдување на оценката на вработените, но никако не смее да биде лимитирано со процент. Критериумите треба да се утврдат преку подзаконски акти и тоа за секоја група судски службеници посебно имајќи ги во предвид спецификите на секоја група, а вклучувајќи ја и судската полиција.

– Во постојниот Закон за судска служба не постојат одредби за додаток на плата за кариера на судските службеници кое сметаме дека треба да биде предвидено поради фактот што истото би претставувало уште еден од мотивите и оправданоста на оценувањето.

– Во истиот закон не постојат законски одредби со кои ќе се регулира правото на  степен на кариера кое што го стекнале судските службеници со Законот за судска служба од 2008 година и измените и дополнувањата од 2010 година.  Имено треба да постојат законски одредби во кои што ќе биде регулирано правото на степен на кариера како и износот на додаток за степен на кариера кој што треба да им биде пресметан како дополнителни бодови во делот на плата за звање.

Со оглед на горенаведеното предлагаме:

  1. Поднесување иницијатива до Владата на Република Македонија за донесување заклучок со кој ќе прифати измена и дополнување на Законот за судска служба од 2014 година
  2. Формирање работна група која ќе работи на измените на Законот за судска служба, а во чиј состав ќе има претставници од Здружението на судска администрација
  3. При изработката на измените и дополнувањата на законот да се земе во предвид и изработениот предлог – текст на Законот за судска служба, подготвен од страна на Здружението на судска администрација и веќе доставен до Министерството за правда, во кој Здружението на судска администрација за сите детектирани недостатоци на Законот за судска служба од 2014 година има дадено свои предлог-решенија.
Судови во Република Северна Македонија