Иницијатива на ЗСА- Писмо испратено до Судски буџетски совет на Р.М. и Врховен суд на Р.М.

Здружение на судска администрација

на Република Македонија

ЗСА бр. 7/2013

22.11.2013 година

С к о п ј е

До

-Судски буџетски совет на Република Македонија-

            С к о п ј е

– за Претседателот –

Почитувани,

            Со Законот за судска служба донесен во 2008 година како и со Законот за изменување и дополнување на Законот за судска служба од 2010 год. , судските службеници се одделија од Законот за државни службеници и за нив од тогаш важат одредбите од Законот за судска служба.

            Со овој закон се утврдени одредени права и обврски на судските службеници кои што до тогаш не биле предвидени. Меѓутоа од отпочнување со примена на овој Закон па до денес одредени негови одредби не функционираат. Нефункционирањето на овие одредби значи намалување на мотивацијата на судските службеници .

          Во оваа прилика ќе спомениме само некои  законски одредби кои кога би профункционирале би биле од големо значење за вработените во судската служба, во насока на зголемување на нивната мотивираност.

            1. Степен  на  кариера

          Со Законот за судска служба една од новините која што беше воведена е и степенот на кариера кој што предвидува дека секој судски службеник се стекнува со степен на кариера после 6 последователни оценки  “се истакнува“  или  “задоволува“, по стекнување на претходниот степен. Оние судски службеници кои пак , последователно четири пати биле оценати  со оценката „се истакнува“ можат да бидат унапредени во кариерата за една година порано.

          Во досегашниов период иако со отежнати услови на оценување, одреден број на судски службеници се стекнале со ова право, меѓутоа до денес ниеден судски службеник ова право не го искористил. Секој судски службеник кој што се стекнал со степен на кариера има право на исплата на додаток на плата  за кариера во соодветен процент од додатокот за звање. Во конкретниов случај , сите судски службеници кои ги исполнуваат условите за степен на кариера , треба да се стекнат со степен  “А“ ,  и на истите треба да им се исплати додаток на плата во износ од 5% од додатокот за звање.

          Со оглед дека до денес нема издадено ниедно решение со кое судските службеници би се стекнале со степен на кариера, тоа значи дека на ниеден судски службеник не му е исплатен додаток на плата предвиден по овој основ.

          Од тие причини сметаме дека е потребно да се преземат сите потребни активности  оваа одредба од Законот за судска служба да почне да се применува и на оние судски службеници кои ги исполнуваат условите за степен на кариера  да им се исплати додаток на плата предвиден по овој основ.

2. Интерен оглас

          Со истиот Закон воведен е институтот “Интерен оглас“ кој што овозможува пополнување на работни места од сите звања со судски службеници кои ги исполнуваат условите предвидени за вработување на судски службеник преку  интерен оглас.

          Тоа би значело дека преку јавен оглас ќе бидат пополнувани оние работни места во судовите за кои не може да се спроведува интерен оглас, а тоа се работните места со следните звања:  помлад судски соработник, помлад соработник, помлад судски референт и помлад референт.

       Во досегашниов период и овој институт, иако е предвиден во Законот за судска служба, до денес не профункционирал.Тоа значи дека сите досегашни вработувања се реализирани преку јавен оглас, што пак значи дека на работните места со повисоко звање доаѓаат лица кои што се надвор од судовите, а лицата вработени во судовите остануваат на пониските звања со што врз судските службеници не само што не се делува мотивирачки туку се делува демотивирачки. Дотолку повеќе што потоа истите судски службеници треба да ги обучуваат, едуцираат, новопримените судски службеници, најчесто  за повисоко звање од нивното.

3. Раководни судски службеници

          Сите судови во Република Македонија се соочуваат со недостаток на раководни судски службеници.

          Имено со Законот за судска служба предвидена  е и група раководни судски службеници кои согласно истиот закон имаат и определени права , обврски и одговорности. Меѓутоа, до денес освен судските администратори ниеден суд нема друг раководен судски службеник во својот состав.

          Недостатокот од раководни судски службеници го отежнува работењето на судовите, особено работата на Судските администратори. За пример ќе ја наведам само постапката  за оценување на судските службеници. Во оваа постапка предвидено е дека судските службеници треба да бидат оценувани од страна на непосредно претпоставен раководен судски службеник . Со оглед дека единствен раководен судски службеник е Судскиот администратор, оценувањето на сите судски службеници го врши Судскиот администратор, што е просто невозможно од причини што бројот на службениците , зависно од судот се движи од 20 – 320 судски службеници. Но тоа не е единствениот проблем кој произлегува од непополнетите раководни места на судски службеници. Имено, донесените закони во духот на  судските реформи предвидуваат нови работни обврски за Судските администратори кои пак без раководни судски службеници не се во можност навремено и квалитетно да ги исполнуваат своите обврски и да ги следат законските измени. Во досегашниот период, овој недостаток, Судските администратори го надминуваат со прекувремено ангажирање.

        Од тие причини бараме да се отпочне со пополнување на дел од местата предвидени како  раководни судски службеници, и тоа преку објавување на интерни огласи.

4. Пополнување на испразнетите работни места

          Во изминативе неколку години бројот на вработени во судската служба значително се намалил. Намалувањето на бројот е како резултат на најразлични причини , како што се: стекнувањето услови за старосна пензија , избор на судии, заминување во странство и сл. Овие испразнети работни места најчесто остануваат непополнети.

          ЗСА предлага пополнување на овие испразнети работни места. Тоа од причини што судовите со вака намалениот број на вработени функционираат отежнато, а постојните вработени најчесто се соочуваат со извршување на работни обврски од поголем обем, токму заради намалениот број на вработени во судската служба, но не ретко од истите причини се приморани да извршуваат работни обврски и од други работни места.

5. Избор на судии

          Судските службеници кои што ги исполнуваа условите за избор на судии, а се од групата на стручни судски службеници од 01.01.2013 год. не може да бидат бирани за судии од причини што изборот на судии од 01.01.2013 год. треба да се врши само од редовите на кандидатите за судии на Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

         Со овој допис без намера да омаловажиме, деградираме или истакнеме  некого, укажуваме дека стручните судски службеници кои подолго време работаат во судовите имаат доволно квалификации и познавање за успешно вршење на судиската функција. Заради тоа сметаме дека треба да се направат напори за измена на Законот за судови во делот на критериумите за избор на судија. Со оглед дека измените на законот предвидуваат и значат подолга процедура , во прв момент бараме да се изнајде начин за одложување на примената на законската одредба каде за судии ќе бидат избирани само кандидати кои се стекнале со статус кандидат за судија преку Академијата за судии и јавни обвинители.

          Здружението на судска администрација изработи сопствена анализа, врз основа на која произлегува дека судиите кои што се избрани од редот на стручните судски службеници брзо успеале да се снајдат во судиската функција (се снашле веднаш), и истовремено од почеток покажуваат високи квантитативни и квалитативни резултати. Во контекс на ова сметаме за потребно да наведеме дека барањето за одложување на примената на Законската одредба  за избор на судии само од кандидатите кои го стекнале статусот кандидат за судија преку Академијата за обука на судии и обвинители е издржана и оправдана, како од досега наведеното така и од аспект на тоа што Академијата, во овој момент има мал број кандидати кои се стекнале со статус кандидат за судија..

          Во овој контекс сакаме да укажеме уште на една работа, дека условот кандидатите за судии да имаат просек најмалку 8 прави деградација на студентите и универзитетите во државата, а тоа од причини што студентите кои што студираат на приватните универзитети многу полесно добиваат високи  оценки што пак би значело дека во Академијата за кандидати за судии би биле избирани најчесто студенти од приватните универзитети . Тука сакаме да го истакнеме проблемот на стручните судски службеници кои кога завршувале не им се барал просек, односно просекот не бил критериум за избор на судија, нити бил услов за некои други вработувања. Така да студентите во тоа време немале посебна потреба да се борат за повисок просек. Меѓутоа, нивното искуство од досегашното работење во судовите и тоа како го компензира овој критерим.

          Исто така на избраните кандидати за судии не им се бара никаков стаж или работно искуство на правни работи што сметаме дека за извршување на една судиска функција работното искуство е од огромна важност. Тоа би значело од друга страна дека судиите кои што ќе бидат избирани од редовите на академијата ќе бидат судии без стаж на правни работи ( освен стажот во Академијата)  и најчесто судии чие што прво вработување ќе биде како судија.

          Од овие причини сметаме дека и ова наше барање е издржано и треба да се направи напор оваа неправда врз неколку генерации судски службеници  да се исправи, а искуството да биде вреднувано како критериум за избор на судија.

6. Униформирање на вработените

          Заради подоследна примена на етичкиот кодекс како и заради угледот на судовите сметаме дека е добро да покренеме иницијатива за униформирање на судските службеници, поготово на оние судски службеници кои доаѓаат во контакт со странките. Тоа и од причини што кога странките доаѓаат во судот не може да знаат кој е судски службеник, а кој не е и не знаат на кого треба да му се обратат. Со униформирањето на судските службеници овој проблем би се надминал, а со тоа би се зголемила и пристојноста на вработените на судските службеници.

           На мислење сме дека нашите барања се оправдани и добро образложени, и дека успеавме да Ви ги доближивме уште поблиску.

         Со оглед на фактот дека Вие одлично ја познавате ситуацијата во судството, а со тоа и ситуацијата на судските службеници, се надеваме дека ќе преземете активности во рамките на Вашите можности за остранување на овие недостатоци кои што се само дел од недостатоците кои што се јавуваат во работењето на судството и судските службеници, со што ќе придонесите кон зголемена мотивација на судската служба а со тоа и кон поефективно спроведување на судските реформи на ниво на држава.

          Доколку во контекст на реализацијата на овие барања има потреба од ангажирање на Здружението на судска администрација , Ве известуваме дека ЗСА Ви стои на располагање со свој ангажман да придонесе кон реализација  на овие и други барања кои ќе допринесат кон поголема мотивираност и подобар статус на судските службеници.

          На крајот сакам да Ве известам  уште за следното: Од досегашниот текст произлегува дека  постапката (оценувањето треба да го вршат раководни судски службеници) од објективни причини не се спроведува како што тоа законот го предвидел. Исто така и целта на оценувањето ( тоа е услов за стекнување со степен на кариера, тоа треба да биде услов при спроведување  и примена на институтот „Интерен оглас“ и сл. ) , во досегашниот период не е постигната. Ваквата анализа покажува дека оценувањето како постапка во досегашниот период била безцелна. Од тие причини Управниот одбор на ЗСА , донесе одлука со која оценувањето го прогласи за бесцелно, а на Судските администратори им препорача, во предвидениот рок, да извршат оценување за  втората половина од 2013 година , а потоа , заради бесцелноста на оценувањето , повеќе да не ги оценуваат судските службеници.

Со почит,

                                                                                                                                                                                                 Претседател на ЗСА, 

Борче Мирчески

Писмото е дел од иницијативата на ЗСА и е веќе испратено до Судскиот буџетски совет на Р.М. и Врховниот суд на Р.М., а истата оваа иницијатива ќе се спроведува со до нејзиното остварување и вакви исти или слични писма ќе бидат испратени до сите надлежни институции.

Судови во Република Северна Македонија