ГОДИШНО СОБРАНИЕ
НА ЗДРУЖЕНИЕТО НА СУДСКА АДМИНИСТРАЦИЈА
Од 10.05.2019 до 11.05.2019 во хотел „Сириус“- Струмица се одржа Годишното собрание на Здружението на судска администрација кое оваа година беше и изборно со оглед на истекот на петгодишниот мандат на претседателот Борче Мирчески.
На годишното Собрание му претходеа седници на Управниот и Надзорниот орган на Здружението одржани на 09.05.2019 година.
Надзорниот одбор на одржаната седница ги разгледа работниот и финансискиот извештај за 2018 година на Здружението на судска администриција, истите ги усвои и ги предложи на усвојување до Управниот одбор.
Членовите на Управниот одбор на одржаната седница ги разгледаа работниот и финансискиот извештај за 2018 година на Здружението на судска администрација. Отворија дискусија по неколку ставки од извештаите а потоа имајќи го во вид и укажувањето – препораката од Надзорниот одбор и двата извештаи ги усвоија едногласно.
Членовите на Управниот одбор дискутираа по трите поднесени кандидатури за нов претседател на Здружението на судска администрација и истакнаа предлог до Собранието, Сашо Темелкоски, судски администратор на Основен суд Прилеп да биде избран за нов претседател на здружението во наредниот петгодишен период.
На Годишното Собрание, Претседателот на здружението Борче Мирчески во своето обраќање до делегатите од сите подружници на судовите во Република Северна Македонија, направи ретроспектива на сите активности на здружението во изминатиот период, пред се во насока на заложбите за измени и дополнувања на Законот за судска служба во делот на одредбите за вработување и остварување на правото за додатоците на плата за вработените во судската служба, враќањето на неосновано задржаниот дел од плата заради штрајкот во 2016 година, потребата за континуирана обука и воопшто активности насочени кон подобрување на статусот, капацитетите и положбата на вработените во судската служба.
Собранието на кое присуствуваа делегати од сите подружници во судовите на Република Северна Македонија, ги разгледа и едногласно ги прифати предлозите за усвојување на Финансискиот и Работниот извештај за работа на Здружението во 2018 година и едногласно го усвои предлогот на Упраниот одбор, за нов претседател на Здружението во наредниот петгодишен период да биде избран Сашо Темелкоски, судски администратор на Основен суд Прилеп.
По извршениот избор, новоизбраниот претседател им се обрати на делегатите изнесувајќи дека ќе се заложи за континуитет во работата на здружението во насока на јакнење на положбата и статусот на вработените во судската служба, јакнење на нејзините капацитети и спремноста за нејзино активно учество во реформските процеси во областа на правосудстовото во Република Северна Македонија. Тој му оддаде признание на досегашниот претседател Борче Мирчески за неговиот голем придонес во работата и етаблирањето на здружението од неговото основање до денес.
Претседател на Здружение на судска администрација,
Сашо Темелкоски