Договор за заедничка соработка на Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судската администрација

Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судската администрација на Република Македонија, на 5 септември 2013 година во Скопје одржаа заеднички состанок на кој беше договорена соработка.

На состанокот учествуваа претставници од Управниот одбор на Здружението на Судска администрација претставувано од претседателот на Здружението Борче Мирчески и Одборот на судски службеници при Синдикатот на УПОЗ претставуван од Верица Тасева претседател на Одборот. На состанокот присуствуваше и Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски

Притоа се разговараше за повеќе прашања актуелни и значајни за работата на судските службеници.

Главна точка на состанокот беше „Договор за заедничка соработка на Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судската администрација“.Во тие рамки главен акцент беше ставен на активностите околу потпишувањето на колективниот договор за правосудните органи заради што беа договорени повеќе заеднички активности. Се дискутираше и околу тоа кој ќе биде потписник на колективниот договор за дејноста правосудство, односно кој е работодавач. Ова е тема за која надлежните немаат слух за разрешување, иако минатата година беше постигната согласност овој колективен договор да биде потпишан од Врховниот суд на РМ, Министерството за правда на РМ и Судскиот буџетски совет (како работодавач) и Синдикатот на УПОЗ.

Заради дилемата во однос на прашањето кој всушност е работодавач на овие вработени и унапредувањето на активностите околу колективниот договор, на состанокот беше договорено Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судската администрација во почетокот на ноември оваа година, да организираат трибина на тема „Кој е работодавач на вработените во правосудството?“ На трибината покрај претставници на Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судската администрација ќе бидат поканети и претставници од Врховниот суд, Министерството за правда и Судскиот буџетски совет, како и емининтни претставници од правосудството.

На состанокот се дискутираше и за потребата од воспоставување на заедничка соработка, а како заедничка цел беше поставена потребата за подобрување на условите за работа на судските службеници во Република Македонија, како и подобрување на нивниот стандард, преку заедничко дејствување.

Беше потенцирана и потребата од непосредна и интензивна соработка на Синдикатот и Здружението, особено што во својот состав имаат заеднички (исти) членови и делат заеднички интереси.

На овој состанок беа дадени повеќе предлози за начинот на подобрувањето на позицијата и улогата на судскте службеници.

Покрај овие активности, како конкретен чекор кој претставниците на Здружението и Синдикатот го договорија за реализација до крајот на 2013 година, е организирањето на уште една трибина на тема „ Законот за судска служба и неговата примена“. И на оваа трибина би учествувале претставници на Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судската администрација. Покрај нив на истата предвидено е да се поканат и еминентни судии и претседатели на судови од Република Македонија. Се очекува преку оваа трибина да се разрешат одредени дилеми кои произлегуваат од донесувањето и примената на законот. Од оваа трибина, исто така се очекува запознавање на пошироката јавност со одредбите од овој закон, како и со новините кои тој ги внесува во правосудството.

На крајот од состанокот беше направен краток осврт на главните приоритети и чекори кои заеднички во иднина ќе ги преземаат Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судската администрација

Судови во Република Северна Македонија