Барање за исплата на Јубилејни награди

До

Судски совет на Република Северна Македонија,

Претседател Весна Дамева

Улица „Македонија“ број 5, 1000, Скопје

Е-маил: contact@ssrm.mk

Предмет: Барање за исплата на јубилејни награди согласно Општиот колективен договор за јавниот сектор, склучен на ден 18.07.2023 година (Службен весник на РСМ, бр.154 од 20.07.2023 година)

Почитувани,

Во Општиот колективен договор за јавниот сектор, склучен на ден 18.07.2023 година, (Службен весник на РСМ, бр.154 од 20.07.2023 година), во член 20 став 1 ал.11 предвидено е дека судските службеници во делот за надоместоци на трошоци поврзани со работата имаат право на надомест за јубилејни награди. 

Согласно член 20 став 4 од Општиот колективен договор за јавниот сектор  „Јубилејните награди се исплаќаат за непрекината работа кај ист работодавач за најмалку 10, 20, 30 и 40 години работен стаж во висина од …….“. Тоа би значело дека на секој судски службеник кој има остварено најмалку 10 години стаж, би му следувала јубилејна награда и би требало да му се признае правото на јубилејна награда. Формулацијата ,, најмалку“ утврдена во член 20 ст. 4 на судските службеници им го овозможува тоа право.

Но, за жал така не размислувале членовите на Судскиот буџетски совет кога го разгледувале ова прашање. Имено, по  однос на оваа одредба од Општиот колективен договор за јавниот сектор, а за исти права на вработените, на 218-та седница, Судскиот буџетски совет, усвојува заклучок дека исплата на јубилејни награди согласно одредбите од Општиот колективен договор следува на вработени кои во 2024 година навршуваат точно , ( не е познато од каде е извлечена оваа формулација) ,  а  не најмалку, 10, 20, 30 и 40 години непрекината работа кај ист работодавач, и побара од единките корисници по барањата за исплата на јубилејни награди да постапуваат согласно ваквиот заклучок на СБС.

Со ваквата одлука Судскиот буџетски совет оневозможил Јубилејни награди да се исплаќаат на судските службеници кои во 2024 година немаат точно 10,20 30 или 40 години работен стаж туку имаат повеќе од 10, 20 , 30 или 40 години.

Но, тоа не било случај во 2008 година кога согласно член 14 од Законот за плати на судиите, предвидено било дека „судијата има право на парично примање во висина  од една негова плата на име јубилејна награда за десет години судиски стаж, две плати за 20 години судиски стаж, односно три плати за 30 години судиски стаж“ и врз основа на која законска одредба, Судскиот Буџетски Совет на ден 12.11.2008 година, донел Одлука број 02-1033/1 за начинот на исплата на паричните примања на име јубилејна награда на судиите за 2008 година, и на сите судии кои навршиле НАЈМАЛКУ 10 (десет) години работен стаж им признал и исплатил јубилејна награда.

Доказ:

  • Аналитичка картица од Основен суд Охрид за 2008 година, од која може да се утврди дека во 2008 година им се исплаќала јубилејна награда на сите судии кои во тој момент имале повеќе од 10 години работен стаж кај ист работодавач и тоа на судии со 10,11, 12, 14, 19, 20, 21, 24,25, 29, 30, 32,33,  34 …….. години работен стаж во 2008 година;

– Решение Су.бр.1228/08 од 20.11.2008 година на заменик претседателот на Основен суд Штип, со кое му е утврдено право на парично примање на јубилејна награда за 10 години судиски стаж на судија кој што во моментот на носење на ова решение имал судиски стаж од 19 години;

  – Решение Су.бр.1228/08 од 20.11.2008 година на заменик претседателот на Основен суд Штип; со кое му е утврдено право на парично примање на јубилејна награда за 30 години судиски стаж на судија кој што во моментот на носење на ова решение имал судиски стаж од 33 години;

 – Решение Су.бр.0306-739/08-1 од 20.11.2008 година на Претседателот на Основен суд Струга; со кое му е утврдено право на парично примање на јубилејна награда за 20 години судиски стаж на судија кој што во моментот на носење на ова решение имал судиски стаж од 24 години;

-Решение Су.бр.0306-739/08-1 од 20.11.2008 година на Претседателот на Основен суд Струга; со кое му е утврдено право на парично примање на јубилејна награда за 20 години судиски стаж на судија кој што во моментот на носење на ова решение имал судиски стаж од 25 години;

-Решение Су.бр.1610-486/08 од 18.11.2008 година на Претседателот на Основен суд Битола; со кое му е утврдено право на парично примање на јубилејна награда за 10 години судиски стаж на судија кој што во моментот на носење на ова решение имал судиски стаж од 12 години;

-Решение Су.бр.879-1/08 од 18.11.2008 година на Претседателот на Основен суд Велес;  со кое му е утврдено право на парично примање на јубилејна награда за 10 години судиски стаж на судија кој што во моментот на носење на ова решение имал судиски стаж од 12 години;

-Решение Су.бр.879-10/08 од 18.11.2008 година на Претседателот на Основен суд Велес; со кое му е утврдено право на парично примање на јубилејна награда за 10 години судиски стаж на судија кој што во моментот на носење на ова решение имал судиски стаж од 19 години;  

– Известување ПЈИ 10/24 од 26.02.2023 година. на Кривичниот суд Скопје       

Од погоренаведеното се утврдува дека Судскиот буџетски совет по однос на исти права за надомест на трошоци поврзани со работата утврдени со закон и колективен договор, носи две различни и спротивни Одлуки и тоа:

  •  првата во 2008 година кога овозможува на секој судија со десет и повеќе години работен стаж да му се исплати јубилејна награда во висина согласно стажот на судијата, без разлика дали стажот е точно 10, 20, 30 или 40 години или судијата имал различен стаж од наведениот. Па така, јубилејни награди им се исплаќале и на  судии кои во моментот на исплата имале 10,11, 12, 14, 19, 20, 21, 24,25, 29, 30, 32,33,  34…. години стаж.  
  • втората во 2024 година кога, иако одредбата од Општиот колективен договор за јавниот сектор е идентична со онаа од член 14 од Законот за плати на судиите, е спротивна од првата одлука и правото на јубилејни награди им го признава само на  судските службеници кои имаат навршено точно 10, 20 , 30 или 40 години, а не по примерот на судиите , на сите кои имаат остварено стаж повеќе од 10 години.

Прашање е со која одлука  СБС бил во право и која одлука е законска ?

Ваквата одлука на Судскиот буџетски совет не е законска, не е праведна, нити е правична. Во најмала рака ваквата одлука е некоректна и дискриминаторска и декларира нееднаквост. Со ваквата одлука се прави разлика помеѓу судиите и вработените во судската служба, бидејќи во текот на 2008 година, врз основа на Одлука број 02-1033/1 од 12.11.2008 година, им била исплатена јубилејна награда на секој судија кој има остварено барем најмалку 10 (десет) години работен стаж до 2008-та година, (што може да се утврди од погорецитираните решенија во кои јубилејна награда е исплаќана на судии кои имале остварено 10, 11, 12, 20, 22, 23, 30 …. години работен стаж), додека со заклучокот донесен на 218-та седница на СБС на ден 29.01.2024 година, се наложува да им се исплаќа јубилејна награда само на вработените во судската служба кои во 2024-тата година остваруваат точно 10, 20, 30 или 40 години работен стаж.

Во една ваква ситуација, бараме така донесениот заклучок да се преиспита  и СБС да донесе одлука со која ќе се врши исплата на јубилејна награда согласно Општиот колективен договот за јавен сектор, со кој е предвидено дека јубилејните награди се исплаќаат за непрекината работа кај ист работодавач за НАЈМАЛКУ 10, 20, 30 и 40 години работен стаж, што би значело дека јубилејна награда би се исплатила на секој судски службеник што наполнил стаж повеќе од 10 години кај ист работодавач.   

Искрено се надеваме дека СБС уште еднаш ќе ја разгледа својата одлука, истата ќе ја преиспита и  ќе ја измени на начин што ќе донесе законска и праведна одлука, со која ќе ја исправи неправдата што ја предизвика со претходната одлука.

Во спротивно , вработените во судската служба ќе преминат кон преземање на други активности кон остварување на ова наше право.

                                   Претседател на ЗСА,

         Борче Мирчески

Судови во Република Северна Македонија